
Волво Карс има големи очекувања дека со локалното производство на Икс Ц 60 ќе надомести за слабата побарувачка за електрични модели во САД и за долгата неискористеност на полниот капацитет на фабриката во Јужна Каролина.
Производството на Икс Ц 60, што е планирано да започне во јануари, во почетокот ќе ја зголеми продукцијата во проблематичата фабрика во Риџвил, во близина на Чарлстон, за преку две третини.
„Произведуваме околу 30.000 возила и Икс Ц 60 ќе накачи со најмалку 20.000 возила,“ изјави претседателот на Волво Карс Америка, Луис Ризенде.
„Тоа ќе донесе најмалку една полна смена и одлична подготовка е за тоа што следи. Чарлстон ќе биде многу, многу зафатена.“

Фабриката на Волво што вреди 1,3 милијарди долари е отворена во 2018 година и проектирана е за годишен капацитет од околу 150.000 возила. Тој потенцијал досега одвај беше искористен.
Индустрискиот центар во којшто се монтираат електричните кросовери Волво Е Икс 90 и Полстар 3, за коишто е слаба побарувачката, во изминатиов период работи со околу 15 проценти од капацитетот, откако кон завршетокот на 2025 година престана производството на лимузината С60.
Домашното производство ќе ги врати масивните пари што Волво ги вложи во фабриката во САД, а ќе придонесе и за побрзо покривање на побарувачката на пазарот.
„Главната причина за локализацијата на Икс Ц 60 е да осигураме дека го произведуваме тоа што го бараат купувачите,“ изјави Ризенде. „Знаеме дека ќе продадеме, сигурно.“
Икс Ц 60 и натаму е меѓу најбараните модели на Волво во САД, со удел од 37 проценти во продажбата во првото полугодие. Кросоверот в година ќе добие неколку зафати во изгледот, посилен погон и значително поголема батерија за приклучниот хибрид во Т8, за електричниот досег да се зголеми двојно од сегашните 50-на километри.
Цената ќе биде поконкурентна
Волво со локалната монтажа ќе биде поконкурентен со цената, во сегментот во којшто владее жестока борба и купувачите бараат повеќе од кога било досега.
„Клучот е цената,“ вели Ризенде. „Гледаме дека нашите конкуренти сé повеќе им се посветуваат на СУВ, посебно го категориите во коишто ние играме.“

Иако производството на Икс Ц 60 во САД ќе придонесе за смалување на дел од царините, тие нема да бидат поништени целосно, затоа што Волво и натаму мора да се снабдува со компоненти од Европа.
Ризенде најави дека Икс Ц 60 е загревање на фабриката за идниот модел „што исто така ќе донесе големи бројки.“ Шефот мисли на идниот модел со хибриден погон со долг досег и седум седишта, што ќе започне да се произведува кон завршетокот на 2028 година. Тој модел ќе ја прошири понудата над Икс Ц 90 и цели кон луксузните знаменосци, како Мерцедес-Бенц ГЛС или БМВ Икс 7.
Продажбата на Волво во САД претрпе силен удар во 2026 година, откако запре субвенционирањето за возила со приклучен хибрид и се покажа силниот притисок од царините.
Во првото полугодие, Волво продаде 12% помалку возила од истиот период лани, во услови кога целиот пазар на лускузни возила во САД опадна за 7,4 проценти. Волво ја започна годината со слабо прво тромесечје, по што следеше подобрување со додавањето на благите хибридни изведби на Икс Ц 40, Икс Ц 60 и Икс Ц 90, што веќе ги покажуваат годините.
Волво го смени моделскиот состав што им испраќа кон дилерите. Приклучните хибриди сега учествуваат со 30 проценти во дистрибуцијата на Икс Ц 60 и Икс Ц 90, наспроти 40 проценти лани.
Шведската марка очекува подобрување во второто полугодие со лансирањето на електричниот Е Икс 60, со темелното освежување на Икс Ц 40 и со унапредувањата кај Икс Ц 60 и Икс Ц 90.
Ризенде верува дека Е Икс 60 ќе ги исполни барањата на купувачите, со конкурентната цена во однос на Тесла Модел Уај, со подобрениот софтвер и со компатибилноста со мрежата од суперполначи на Тесла. Продажбата на моделот во САД годинава ќе биде скромна, со помалку од 5.000 возила, затоа што Волво уште ја качува продукцијата и главно го послужува европскиот пазар.















