Фолксваген ги објави цените за новата погонска изведба во гамата на Голф и Т-Рок за германскиот пазар. Хибридните модели поседуваат два електромотори, нема потреба од каков било менувач.
Волфсбург за полниот хибриден погон во Голф и Т-Рок спои бензинец што троши малку, два електромотори и батерија што е сместена назад. Првпат во Фолксваген се вградува полн хибрид, што во понудата се сместува меѓу благата хибридна и приклучната хибридна изведба.
Според германскиот ценовник, Голф Хибрид во високото ниво на опременост Стајл чини 41.740 евра, наспроти благиот хибрид за 39.590 евра и приклучниот хибрид за 46.420 евра. Новиот хибрид засега не е достапен во подостапните нивоа на опременост Тренд и Лајф. Единствено може да се избере уште во изведбата Р-Лајн, за 41.400 евра.
Системската моќност изнесува 170 КС, вртежниот момент достигнува 309 њутнметри. Спринтот на Голф Хибрид до темпо сто трае 7,5 секунди, што е секунда покусо од благиот хибрид, а крајната брзина е ограничена на 180 километри на час.
Според фабрика, просечната потрошувачка изнесува 4,6 литри, што е за 0,6 литар помалку од благиот хибрид во Фолксваген Голф 1.5 еТСИ со 150 КС. Кај Т-Рок Хибрид, просекот е точно пет литри.

Три начини на работа на хибридниот погон во Фолксваген Голф и Т-Рок
Новиот полн хибрид располага со три начини на работа. При ниска брзина, Голф и Т-Рок Хибрид возат електрично. Моторот за тоа време е изгаснат. Во сериски начин на работа, бензинецот го движи генераторот што ја полни батеријата, за таа енергија да ја користи електромоторот и да го движи возилото.
Во паралелен начин на работа, активни се бензинецот и двата електромотори. Над 60 километри на час, презема бензинецот, а електромоторот само му помага. Тука се вмешува спојката, којашто го поврзува моторот со погонските тркала, преку преносник со фиксен преносен однос.
Разликата со хибридниот погон на Тојота е во преносот, Јапонците користат комплициран систем што се базира на менувачот со постојано променлив преносен однос, со цел да се постигне рамнотежа меѓу удобно и штедливо возење
Возачот може да избира дали Голф и Т-Рок да возат штедливо, спортски или комфорно. Во Еко, системот работи со 70% од моќноста и постигнува врвна ефикасност. Во Комфор се добива целата моќност, но преоѓањето од еден во друг режим на возење се одвива меко. Во Спорт, бензинецот секогаш е прв, ја одржува наполнетоста на батеријата, за електромоторот да може да помага со сета сила.
Бензинскиот ТСИ на Фолскваген е посебно нагоден за хибридниот погон. Значително е спуштен максималниот број на вртежи, на 4.300 вртежи, што овозможи зафати за смалување на отпорите на триење. Исто така е оптимиран милеровиот режим на моторот, со порано затворање на вшмукувачките вентили, заради поефикасно полнење на коморите за согорување. Компресијата е подигната на 12,5:1, што е мошне висока вредност за бензинец. На крајот е постигнат степен на ефикасност од 39,2 проценти.
Заради батеријата, багажникот е скусен на 273 литри кај Голф Хибрид
Во опашот е сместена батерија од 1,6 киловатчас. Таа има водено ладење и може да испорача моќност до 44 киловати. Едниот електромотор, што главно работи како генератор, ја полни батеријата, било со помош на бензинецот, било преку рекуперација. Вториот електромотор е задолжен само за погонот и исто така користи рекуперација.
Фолксваген ветува и втора изведба на својот полн хибриден погон, којашто ќе располага со системски 136 КС. Во тој случај, ќе бидат покриени и пониските нивоа на опременост, односно ќе се прошири кругот на купувачи.
















