БМВ не оди во Париз, директорот Недељковиќ ги скусува трошоците

БМВ нема да учествува на салонот во Париз годинава, иако концернот Фолксваген, главниот конкурент Мерцедес-Бенц и кинеските производители ќе бидат таму.

Од салонот во Париз во 2024 година

БМВ се откажува од изложување на салонот во Париз годинава, затоа што новиот извршен директор, Србинот Милан Недељковиќ, гледа да ги скуси сите трошоци, откако баварската компанија излезе со предупредување до инвеститорите, дека предвидениот профит може и да не биде остварен годинава.

БМВ реши да го откаже своето присуство на еден од најважните настани на автомобилската сцена, на Модијал де л’Ауто што се одржува секоја втора година во Париз, „поради промени во приоритетите,“ соопштија од Минхен.

Производителот на автомобили во соопштението од 22-ри јули порача дека „останува посветен на селективно присуство на автомобилските салони во иднина.“

На престојниот салон во Париз се очекува враќање на присуството на традиционалните прозводители, како Мерцедес-Бенц или Волво. Концернот Стелантис ќе изложува возила од своите марки Фиат, Ланчиа и Опел, додека Рено со себе ги носи Дачија и Алпин.

Фолксваген, иако се наоѓа во длабоки структурни промени, ќе изложува во Париз, како што стои на вебсајтот на салонот. Во претходните две изданија, во 2022 и 2024 година, голем број западни марки го откажаа присуството и со тоа им оставија повеќе простор на кинеските соперници, предводени од БИД, да привлечат внимание и да ја убедат публиката.

БМВ во јуни ги шокираше берзите, откако јави дека очекува намалување на профитот, како последица од забавената побарувачка во Кина и од конфликтот на Блискиот Исток. Компанијата најави мерки за итно намалување на трошоците, не наведувајќи подробности. Вредноста на акциите на БМВ на берзата во Франкфурт падна за повеќе од една третина.

Откажувањето на БМВ е драстичен потег, затоа што германскиот производител честопати го користеше салонот во Париз за првпат да ги прикаже своите нови модели пред светот. Точно во Париз беше премиерата на седмата генерација на Серијата 3, во 2018 година.

БМВ беше дел од масовниот егзодус на производителите од настанот во 2022 година, за да се врати по две години, со две премиери на Мини и со светска премиера на концептите од Ное Класе.

Одлуката се донесува по два месеци, откако Србинот Милан Недељковиќ го презеде раководењето со германскиот производител од Оливер Ципсе. Поранешниот директор за производство е надлежен за лансирањето на новите електрични модели од генерацијата Ное Класе. За развојот на таа платформа беа потрошени милијарди евра.

Во Европа расте притисок од кинеските соперници. Марките од Кина во јуни освоија 34 проценти од пазарот на приклучни хибриди во Европа. Голем број од нивните модели ги привлекоа купувачите што уште се несигурни дека е дојдено времето да се префрлат на електричен погон.

Производителите од Кина нема да го пропуштат францускиот спектакл, што се одржува од 12-ти до 18-ти октомври. Доаѓаат БИД, Чанган, Шаопенг, Џили, и секако Липмотор, партнерот на Стелантис.

Претходна објаваЗдружението Арно одржува бесплатна работилница „GOOGLE MAPS ЗА ПОЧЕТНИЦИ“
Следна објаваГолф доби хибриден погон, но различен од оној во Тојота

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here