
Шаопенг и натаму цени дека целосно електричните возила се најдобриот избор, но размислува да почне со продажба и на хибриди, за да излезе во пресрет на условите на пазарот.
„Го слушаме гласот на клиентите и во моментов проверуваме дали да нудиме целосно хибридни модели надвор од Кина,“ изјави директорот за технологија во компанијата, Џеки Гу.
Основана во 2014 година, како компанија за производство на батериски електрични автомобили, Шаопенг во моментов не продава хибриди. Кинескиот производител лани стартуваше со продажба на ЕВ со продолжувач на досег на пазарот во Кина.
Гу кажа дека целосно хибридниот модел за Европа ќе го користи истиот 1,5-литарски четирицилиндарски бензинец, што се вградува во електричните автомобили со продолжувач на досег, коишто се продаваат во Кина.
Кинеските производители на автомобили ја прошируваат својата понуда од хибриди во Европа, откако Комисијата на ЕУ воведе дополнителни царини за електрични автомобили и нивни варијанти со продолжувач на досег од Кина. Унијата ги воведе царините со цел да компензира за високите државни субвенции, што Пекинг им ги овозможуваше на домашните производители, и со тоа им даде поголема шанса на извозните пазари.
Царините за Шаопенг во ЕУ изнесуваат 21 проценти, над стандардните 10 проценти за увоз на автомобили од Кина.
Целосно хибридните и приклучните хибридни автомобили се изземени од царините, што на кинеските производители им овозможува да нудат модели со конкурентна цена.
Во јуни, овие два видови погон учествуваа со 53% во вкупната продажба на Кинезите во Европа. Лани тој удел изнесуваше 36 проценти. На батериските електрични автомобили отпаѓаат 35 проценти од продажбата на Кинезите, што е за три процентни бодови помалку од лани.
Шаопенг брзо се пробива на пазарот во Европа, иако уште заостанува зад најголемите кинески играчи, БИД, Липмотор, Џили (и Волво), МГ и Чери. До јуни, компанијата продала 18.903 возила во Европа, што е 126% над првите шест месеци лани.
Најпродаван модел е СУВ-то од средна класа Г6, со 12.924 возила, пред големиот СУВ-модел Г9 со 5.374 продажби. Неодамна стартуваше спортската лимузина П7+, што достигна до 379 возила. Сите три модели се монтираат од китови што доаѓаат од Кина, во фабриката на Магна Штајер во Грац, Австрија. Се продаваат само електрични модели.

МГ беа први Кинези што понудија хибриди во Европа. До јуни се продадени над 10.000 возила МГ ЗС, што со тоа е трет најпродаван хибриден модел, по Тојота Јарис Крос и Јарис, со 16.274 и 14.094 возила соодветно.
Меѓу хибридните модели на Кинезите што неодамна стартуваа во Европа се Грејт Вол Џавал Џолион, Донгфенг Фортинг Т5 ХЕВ и ГАЦ Ора 5.
На македонскиот пазар, повеќе успех има постигнато единствено Донгфенг Фортинг Т5, во класична бензинска изведба. Од почетокот на јули, ново поглавје со кинеските автомобили во Македонија започна Липмотор, којшто е партнер на Стелантис и ужива привилегии од тоа во сервисирањето, продажбата и испораката на резервни делови. Липмотор настапува со електрични автомобили со продолжувач на досег, што обезбедува поголемо спокојство при поаѓање на подолг пат.
Споредба: Електрична Киа против бензинска Киа, ЕВ 3 против Спортаж















