Уште од првиот здив кога ќе се затворат вратите на Мерцедес-Мајбах ГЛС се чувствува дека тоа е еден друг автомобилски свет. Буквално од првиот здив. Сложен филтерски систем на секои 90 секунди го заменува воздухот во кабината со свеж и пречистен воздух. Тоа е само едно од чудата што се случуваат во новата моделска година на Мерцедес-Мајбах ГЛС.
Чистиот воздух во ГЛС е заслуга на електричен филтер. Тој ги јонизира штетните честички ПМ, од воздухот што беспрекорниот систем за климатизација го вовлекува, пред тој да се препушти на сложен процес на пречистување. Бројни филтри се во игра.
Во секое подрачје мора да има нешто посебно во Мајбах ГЛС. Скапоцениот СУВ ги снима посебно секои поминати 150 метри. Доколку возачот не најде можност да го сврти возилото или да паркира, па мора да се враќа наназад, прецизни и јасни линии во екранот точно го покажуваат патот од последните 150 метри, за шоферот да може да ги следи.
Далечинското паркирање на возилото е лесна вежба. За тркалата на Мајбах, што самите вредат колку обичен СУВ, да се заштитат од гребење и оштетување при паркирање, Мерцедес-Мајбах нуди опција што предупредува во такви ситуации.
Системите за асистенција се потпираат на работата на десет надворешни камери, пет радарски сензори, дванаесет ултразвучни сензори, и главното, на суперкомпјутер за чијашто процесорска моќ е потребно водено ладење. Исто како мотор.
Запрепастувачки е податокот дека тој суперкомпјутер врши до 254 билиони операции во една секунда. Таа моќ е потребна, затоа што лускузот денес оди по малку и во насока на автономното возење, односно пуштање автомобилот да се движи сам.
Во Европа уште се строги законите, но во САД и во Кина, обично може да се пушти опционалниот МБ. Драјв Асист Про, сам да го движи автомобилот од едно до друго место во град. Мајбах ГЛС ќе си вози сам, а шоферот, можеби и самиот сопственик на оваа скапоценост на тркала, треба само повремено да го допира воланот, за да покаже дека е тука.

Технологија од друга автомобилска планета претставува и активното подвозје Е-Актив Бади Контрол, со пет процесори со повеќе јадра и преку 20 сензори, што мери податоци од возењето илјадапати во една секунда, за соодветно да ја нагоди амортизацијата. Сензација и натаму е теренскиот режим на работа. Четири пумпи ја подигнуваат и спуштаат каросеријата, за на тој начин да помогнат возилото да се помести кога ќе згусти при возење на терен, на пример во песок. Токму таа опција и по неколку години од премиерата уште е предмет на бројни егзибиционистички снимки од друштвените мрежи.
Амблемот на Мајбах во средината на тркалата од најмалку 22 инчи, секогаш стои исправено. За тоа се грижат скапи топчести лежишта, што прават амблемот сам да се исправува под дејство на земјината тежа.
При освежувањето на Мајбах ГЛС за новата моделска година има зафати и во кокпитот, главно со преоѓањето на МБ.ОС и нов МБУКС со суперскрин, односно три екрани што изгледаат како еден. Кога прикажувањето на информациите на суперскринот ќе се префрли во режим Мајбах, во екраните се прикажуваат тркалезни инструменти во розе-златна боја, којшто создаваат рефлексии исто како светлина кога паѓа под разни агли на скап накит.
СУВ-луксузирачот на Мајбах со промени во новата моделска година
И таванот не се пропушта. Изведувањето на таванот по посебна желба е најчесто избираната опција од страна на купувачите на Мајбах. Тоа е своевидно ремек дело. Еден мајстор целосно го изработува таванот, остава траги од својот стил на работа. Како сликар.
Цените наскоро ќе бидат објавени на вебсајтот на Мерцедес-Мајбах, иако тие најмалку ги засегаат купувачите. Тие секогаш имаат посебни желби, а тука е одделението Мануфактур за тие желби да ги исполни. Секако дека за тоа следи и соодветен надомест.
















