Рекордната продажба на марката со ѕвездата на пазарот во САД доведе до планови за зголемување на производствените капацитети во фабриката во Алабама. Со преку 300.000 возила, САД е најголем извозен пазар за Mercedes.
Mercedes гледа одлични перспективи на пазарот во САД и соодветно ќе го зголеми локалното производство. Во првите осум месеци од годинава се продадоа 205.894 возила од другата страна на океанот, што претставува зголемување од 8,2 проценти. „Ние сме прв германски производител во луксузниот сегмент што произведува лимузина во САД. Со класата C ги исполнивме капацитетите во нашата фабрика во Таскалуза – горди сме на одличната работа на нашата екипа“, изјави Маркус Шефер, главен за производство и набавка во Mercedes-Benz Cars. Ново зголемување на производствениот волумен претстои во следната година, кога од лентите во Таскалуза ќе почне да излегува нов теренски модел. Станува збор за купе верзијата од класата М, којашто Mercedes ја најави на салонот во Пекинг преку Concept SUV-Coupe, како конкурент на BMW X6 и Range Rover Sport.
Со 312.534 возила, САД беа најголем извозен пазар на марката во 2013 година. Секој петти продаден модел на Mercedes во минатата година бил наменет за купувач во САД. Натамошно зголемување на продажбата се очекува со новата класа С, чијешто локално производство стартуваше во средината на јуни, за моделот да почне со продажба кон крајот на август. Класата С за прв пат се произведува на четири континенти. Во рок од само шест месеци, производството на моделот од средната класа почна во матичната фабрика во Бремен, во Ист Лондон во Јужна Африка, потоа во Пекинг и сега во Таскалуза.
















