
Светскиот авантурист Рајнер Цитлов на 21-ви септември ќе појде на ново патување низ светот, во обид да го постави својот трет светски рекорд. Овојпат се вози од Норвешка до Јужна Африка.
По двете успешни возења за светски рекорд од Тиера дел Фуего до Аљаска по рутата на „Панамерикана“ за 11 денови и 17 часови и од Мелбурн до Ст. Петерсбург за 17 денови и 11 часови, автомобилскиот авантурист Рајнер Цитлов се подготвува за третиот подвиг за светски рекорд. Во овој септември, тимот составен од Рајнер Цитлов, Маркус Биела и Матијас Прилвиц ќе се обиде да постави нов спектакуларен рекорд со Volkswagen Touareg од Норкап, во Норвешка, до Кејп Агуљас, најјужната точка на Африка.
Тимот ќе вози од север до југ низ Европа и преку целиот африкански континент, низ земјите од источна Африка. Возењето почнува од Нордкап, во Норвешка, најсеверната точка на Европа, на 21-ви септември. Целта е најјужната точка на Африка, Кејп Агуљас, којашто би требало да биде освоена за околу 10 денови. Рутата е долга преку 17.000 километри и минува низ Норвешка, Финска, Шведска, Данска, Германија, Чешка, Словенија, Унгарија, Србија, Бугарија, Турција, Египет, Судан, Етиопија, Танзанија, Замбија, Зимбабве и Јужна Африка. Авантуристите ќе се соочат со длабоките дупки по патиштата низ Судан и Етиопија, со безбројните свијоци по африканските планини и со неславниот „Пат низ пеколот“, по површина со вулкански карпи во северна Кенија.
Тимот ќе објавува дневни извештаи на www.touareg-capetocape.com, со фотографии и кусо видео од секоја етапа. Моментната позиција на Touareg ќе се прикажува на виртуелна мапа и ќе се обновува на секои пет минути. Исто како и во претходните проекти од 2005 година, Рајнер Цитлов ќе донира по 20 евра од километар за СОС Детските села во Замбија и Судан и лично ќе ги посети овие села во текот на патувањето. Тимот го подржува „Храна и дрва за Африка“, јужноафриканска организација за промоција на одржливо и еколошко земјоделство.















