
Електро Мобилити Полска се здружи со тајвански Фокскон, за да организира центар за производство на електрични возила и развој на технологија во јужна Полска. Компанијата зад којашто стои државата очекува да постигне голем подем на пазарот, откако нагло порасна побарувачката за електрични автомобили.
ЕМП соопшти дека планира соработка со Фокскон и нивниот огранок за електрични автомобили Фокстрон Виакл Технолоџис, вклучувајќи и здружување во заедничка компанија. Договорот се очекува да биде потпишан во второто полугодие од 2026.
„Од самиот почеток го осмисливме овој проект околу потребата за партнер што нуди спој од индустриски размери и технолошка длабочина,“ изјави извршниот директор на ЕМП, Сипријан Гронкијевич.
Тој напомена дека постигнувањето договор за трансфер на технологијата, за создавање капацитети за самостојно конструирање возила во Полска, како и можност за ангажирање на локални добавувачи, било решавачко за тајванската групација да биде избрана како партнер.
„Освен за производство, ние ќе бидеме центар и за дистрибуцијата на овие возила на целиот европски пазар,“ изјави министерот за државен имот Војчех Балчун на настанот за објавување на партнерството.
Продажбата на батериски електрични автомобили во ЕУ во првото тромесечје е порасната за околу една третина. Побарувачката се зголеми нагло откако значително пораснаа цените на горивата и неизвесноста околу снабдувањето во војната на САД и Израел со Иран.
Проектот предвидува основање локална марка, којашто во почетокот ќе нуди три модели на европскиот пазар. ЕМП уште во минатото најави дека има планови електричните возила што ќе ги произведува во Полска да се водат под марката Изера.
Фабрика ќе се гради во близина на градот Јавожно на југот на Полска, со изработка на каросерии и лакирница, монтажа на батерии и погонски склопови, како и завршна монтажа на возилата.
Киа ПВ5 · Тест · Електричниот погон е друг свет кај доставните возила
Извршниот директор на ЕМП кажа дека фабриката во почетокот ќе работи со капацитет за околу 100.000 возила годишно, но во план е продукцијата во иднина да се зголеми на 380.000 до 400.000 возила, како што ќе се шири пазарот и ќе расте продажбата.
Според шефот, првиот автомобил ќе ја напушти монтажната лента во 2029 година.
Во центарот ќе се развива и софтвер, ќе се работи на анализа на податоци и на развој на решенија за дигитална мобилност.
ЕМП најавува и дополнителни инвестиции, што ќе овозможат поголем обем на локално производство на компоненти, вклучувајќи и батерии.
Средствата се обезбедени преку Националниот план за обнова и Фондот за реприватизација, којшто во декември 2025 година ја рекапитализираше ЕМП.















