Опел го прави првиот чекор и за концернот Стелантис и за целата европска бранша, проширувајќи ја соработката со кинеската марка во концернот, Липмотор. Уште се водат преговори, меѓутоа е можно наскоро да стартува модел со техниката од Липмотор, под знакот на германската марка, што ќе се произведува во Европа.
За помалку од две години, во фабриката на Стелантис во Сарагоса, Шпанија, се очекува да започне производството на компактниот СУВ со целосно електричен погон, што ќе се базира на техниката на кинески Липмотор, којшто е „15-та марка“ на концернот. На дизајнот и на осмислувањето на концептот ќе се работи во Риселсхајм.
Стелантис со своите 14 марки испраќа силен сигнал до инвеститорите во концернот, еден ден пред објавувањето на финансиските резутати од работењето. Концернот што произлезе од соединувањето на ПСА Пежо Ситроен и Фиат Крајслер, планира сосем нова моделска серија, на целосно електричен СУВ од компакт класа, со големина блиску до Грандленд.
Овој проект ќе биде база за идната поширока соработка меѓу Стелантис и кинескиот производител Липмотор, којшто е меѓу најсилните производители од Истокот на пазарот во Европа, покрај БИД.
Со овој чекор, германската марка добива вредно засилување, за да се пробива засилено на пазарот на електрични автомобили. Стартот на производството се очекува најрано во 2028 година. Новиот модел со техниката на Липмотор ќе се позиционира покрај постоечките СУВ-модели Грандленд, Фронтера и Мока.
Нашиот нов СУВ ќе биде дизајниран и осмислен во Риселсхајм и ќе се развива од нашите интернационални тимови во Германија и Кина. Партнерството со Липмотор ќе овозможи возилото да се развие за покусо од две години. Со тоа, Опел планира уште еден важен чекор во развојот на најсовремени и достапни електрични модели за нашите корисници
Флориан Хуетл, извршен директор на Опел
Новиот модел на Опел ќе користи електрична платформа и батериска техника од Липмотор. Возилото ќе го одликува дизајн на Опел, исто како и принципите на ракувањето и корисничкото искуство, понатаму нагодувањето на подвозјето, како и светла и седишта на Опел.
Идниот неименуван СУВ ќе се произведува во фабриката во Сарагоса, Шпанија, каде што Опел Корса се произведува уште од 1982 година.
Липмотор наскоро почнува со продажба на своите модели на македонскиот пазар.
















