Хрватска прва со роботско такси во Европа, возењето 2 евра

Хрватска прва во Европа пушти роботско такси во комерцијална примена. Корисниците добиваат превоз по половина од цената на обичниот такси превоз.

Стартап-компанијата Верн располага со возен парк од 10 електрични возила, што сообраќаат во хрватската престолнина Загреб. Возилата се Аркфокс Алфа Т5 од кинескиот производител БАИЦ и опремени се со софтвер за автономно возење од Пони АИ.

За да привлече внимание со својата услуга, Верн нуди превоз по фиксна цена од 1,99 евра во подрачјето на градот што го покрива. Тоа е подрачје со површина од 90 километри квадратни, во коешто спаѓа и аеродромот во близина на Загреб. Клиентите нарачуваат возење преку мобилна апликација, а за неколку месеци ќе може да се користи и платформата на Убер.

Европа заостанува зад САД и Кина во пуштањето на роботски такси превоз во поширок обем. Вејмо, дел од Алфабет, располага со најширока мрежа во САД и планира годинава да ја понуди услугата и во Лондон.

Верн е проект под покривителство на светски познатиот Мате Римац, кој произведува ексклузивни електрични суперавтомобили во близина на Загреб, а Хрватот неодамна ја презеде и контролата врз Бугати.

Во возилата на Верн во почетокот е присутно службено лице што се грижи за безбедно движење на возилото, како што налагаат законите. Целото возење сепак се одвива без човечка интервенција. Тоа вклучува дури и престигнување побавни возила и обиколување пречки на патот.

Верн очекува дека предизвикувачките услови за возење по тесните загрепски улици ќе дадат вредни податоци и корисниците ќе се убедат во предностите на роботското такси.

Во моментов околу 300 корисници се регистрирани на апликацијата Верн, а уште 4.000 идни корисници се на листата што постојано се зголемува.

Верн се во преговори со уште 11 градови ширум ЕУ, во Обединетото Кралство и Средниот Исток, а се разгледуваат можности за соработка со уште 30-на градови.

Планот е во иднина да се пушти и сопственото возило што е развиено во Верн за оваа намена, двосед конструиран точно за роботско такси.

Претходна објаваЕУ ги гледа новите царини за увоз на автомобили во САД како пречка за трговската спогодба
Следна објаваПолска фирма во соработка со тајвански Фокскон ќе произведува електрични возила

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here