Ситроен Ц5 Еркрос стана службен автомобил на Џиро д’Италија

Ситроен се договори со Италијанците за новиот Ц5 Еркрос да биде службен автомобил во целата серија велосипедски трки што се возат во рамките на Џиро д'Италија.

Важното партнерство меѓу Ситроен и организаторот на Џиро д’Италија, за сите негови велосипедски класици, беше објавено на конференцијата на медиуми, непосредно пред првата трка од годинешниот Џиро, Страда Бјанка.

Ситроен си обезбеди одлична реклама, со договорот за новиот Ц5 Еркрос да добие централно место на Џиро д’Италија, вклучувајќи ги сите Гранди Класиче и Гран Фондо, едни од најпрестижните велосипедски настани во светски рамки.

Задачата на Ситроен Ц5 Еркрос сепак не се сведува на парадирање, туку возилата мора да се соочат со возење по опасни рути, вклучувајќи и калдрма и земјен пат долж Страда Бјанка. Најголемиот СУВ на Ситроен ќе се докаже посебно во вакви услови на возење, со комфорното подвозје, што францускиот производител го пропагира кај секој свој нов модел.

Џиро не е првиот голем настан во светот на велосипедизмот на којшто учествува Ситроен како логистичка поддршка. Марката со двојниот шеврон во минатото беше спонзор на Ворлд Тур АГР2 Ситроен Тим.

Во чест на важниот договор, во седиштето на Стелантис на Виа Плава 80 во Торино, беше одржано свечено предавање на новиот Ситроен Ц5 Еркрос, во присуство на Паоло Белини, директор и главен менаџер на РЦС Спорт, организаторот на Џиро, и Антонела Брина, извршна директорка на Стелантис Италија, како и Џовани Фалконе, извршен директор на Ситроен Италија.

Џиро д’Италија се состои од цела низа трки, којашто покрај главниот настан, се состои уште од Џиро Е, од дамски Џиро, Џиро Некст Ген, па понатаму од класиците Тирено-Адријатико, Милано-Торино, Милано-Санремо, Џиро д’Абруцо и Гран Пјемонте. На тоа следат трките Гран Фондо, односно Страда Бјанка и Ил Ломбардија.

Објавувањето на оваа важна соработка се совпадна и со почетокот на продажбата на Ц5 Еркрос во Италија.

Веднаш по јавувањето за соработката, следеше прослава на 150-годишнината на Милано-Торино, најстариот велосипедски класик во светот. Паоло Магрети во 1876 година ги мина 150-те километри за 10 часови и 9 минути.

Ситроен се одомаќи во Италија во 1924 година, прво со салон во Милано. Денес во земјата работат преку 190 салони на марката.

Новиот Ц5 Еркрос веќе го извозе и стандардниот тест во Аутомедиа, во изведбата со благ хибриден погон и во највисокото ниво на опременост Макс. Видеото е достапно на нашиот канал на Јутјуб.

Ситроен Ц5 Еркрос · Тест · Ситроен за секоја возраст

Ситроен има уште две погонски изведби на втората генерација на Ц5 Еркрос, едната е со приклучен хибриден погон и системски 225 КС, со можност за 100-на километри во електричен режим, додека втората е чисто електрична и со голема шанса да биде најдостапен СУВ-од компакт/средна класа на македонскиот пазар со електричен погон. Цените за овие две погонски изведби уште не се вклучени во ценовникот за домашниот пазар.

Претходна објаваКиа ја пушта електричната ЕВ2 во Европа по цена од 26.600 евра
Следна објаваДизелите во возниот парк во Македонија 2,5 пати позастапени од бензинците

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here