Ситроен Ц5 Еркрос · Тест · Ситроен за секоја возраст

Сон на производителите е да одгледаат верни возачки и возачи, уште откако тие првпат ќе осознаат што е автомобил, и да ги задржат во својата марка. На некои производители, тоа им успева многу лесно. На Ситроен, посебно.

Кој уште би заборавил, како во детството се одушевувал на автомобилчето со формите на Ситроен ДС, Траксион Авант или 2ЦВ, додека сите мислеле дека тоа само си игра. Друг ја помни Ситроен како марка на автомобилот на татко, со којшто пораснал, и којшто се разликувал од сите други што ги имал видено дотогаш.

Не треба да зачудува, кога овие родени ситроенаши, еден ден ќе се вратат во салонот на својата марка, но овојпат со намера да си заминат со нивниот прв Ситроен. И, тоа веројатно ќе се повторува, со втор, трет модел, како што ќе напредуваат кариерата и фамилијата.

Ситроен денес има изградено здрава марка, чијшто пазарен настап не се темели на успехот на еден модел,  туку секој модел во тековната понуда си го сработува своето. Затоа, Ситроен за секоја генерација.

Французиве се подготвени за сите можни сценарија, да услужат луѓе што се дојдени во маркава по достапен, но не и едноставен автомобил, како Ц3, до луѓе што сакаат да платат за големо парче автомобил, што ќе биде добро, и за семејството, и за покажување пред бизнис партнери.

Со Ц5 Еркрос заврши обновата на понудата на целата марка, во моментов не постои модел на којшто му поминале повеќе од две години од премиерата или од фејслифтот

Со новата генерација на Ц5 Еркрос, првпат се нуди таков голем СУВ, за којшто не важи „но“. Маркава го имаше својот прв СУВ од компакт/средна класа во 2007-ма година, со Ц-Кросер, но тоа беше само препакуван Мицубиши Аутлендер, исто како Пежо 4007.

Потоа минаа седум години, покрај незабележливото постоење на помалиот Ц4 Еркрос, а тоа пак беше модел на Мицубиши, додека марката повторно се врати во овој сегмент, со првиот Ц5 Еркрос во 2019 година, кога Ситроен веќе на големо зборуваше за комфорната суспензија и за комфорните седишта.

„Но“, ова симпатично заоблено возило, со сличен шарм како тогашниот Ц3, остана со помала просторна понуда на задната клупа во споредба со конкуренцијата.

Ситроен секогаш изнаоѓаше начини да ги врати Де-Ес-Це-Икс-Икс-Ем, но по Ц5 Екрос, повеќе од тоа не е потребно

Како меѓу-решение, се појави Ц5 Икс, со одлична намера за заедницата да се сензибилизира околу историското поглавје на „це-иксот“ и да се направи исчекор кон некогашниот Ц6, но тој остана како голем и исклучително комфорен модел, што пак не е СУВ, каков што денес бара народот.

Ц5 Еркрос годиште 2025-то, со фабрички код ЦР3, е уште еден во низата погодоци на марката од Поаси. Тој доаѓа на одлично подготвен терен од Ц3 и Ц3 Еркрос. Нивните европски продажби во минатата година уште не го прикажуваат полниот потенцијал на двата модели, меѓутоа бројките се угледни: Преку 160.000 возила Ц3 и 52.000 возила Ц3 Еркрос и Ц4. Најголемиот дел од продажбата од околу 45.000 возила од Ц5 Еркрос, отпаѓа на моделот од претходната генерација, меѓутоа е сосем за очекување дека новакот ќе додаде најмалку уште половина од тоа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Во Ц-СУВ сегментот се води најжестоката битка меѓу производителите, овие модели на носат заработката, но затоа и мора да понудат многу

Сегментот на Ц-СУВ моделите постигна најголем раст во 2025 година, со 17 проценти, и изби како најпродаван сегмент на европскиот пазар. Тука се води главната битка, овие модели ја носат добивката и ја држат марката, тие се главните градители на имиџот.

Ситроен Ц5 Еркрос има со што да привлече внимание и воедно да ги одврати купувачите од конкурентските марки. Во споредба со претходникот, Еркросот порасна 15 сантиметри во должина, со шест сантиметри екстра меѓуоскино растојание. Тие дополнителни 6 сантиметри одат главно во просторот за нозе на задната клупа. Со тоа, Ц5 Еркрос ја надмина главната слабост на претходниот модел.

Багажникот располага со 565 литри, петнаесет помалку од претходно, што не мора да значи дека просторот е помалку искористлив, напротив. Тоа што каросеријата е повеќе коцкеста, очигледно остава повеќе простор во кабината. Со соборена клупа, Ц5 Еркрос се претвора во транспортер со зафатнина од 1.668 литри, што е четириесетина литри повеќе од претходникот.

Новата платформа СТЛА Медиум е солидна техничка основа

Тежината порасна незначително, од 1.606 на 1.629 килограми, што укажува на зголемената употреба на челици со висока цврстина во каросериската структура. Платформата е сосем нова, големиот Еркрос е конструиран врз СТЛА Медиум, истата платформа со Пежо 3008/5008, Опел Грандленд и со Џип Компас, што чека ред за премиера на македонскиот пазар.

Но, ресорот на Ситроен не се сантиметрите или коњските сили, туку е иновирањето и внесувањето свежина. Еркрос со големината 5 на Ситроен, буквално изгледа како концептен автомобил. Одвај неколку детали од концептниот автомобил од Париз 2024 не се пренесени во серискиот модел. Тоа важи дури и за задните светла, што штрчат исто толку гордо, како спојлер на Це-Икс 25 ГТи Турбо 2.

Кога ќе се појави сликата на Ами 6, со покривот закосен нанапред, станува јасно зошто Ситроените одвреме навреме мора да се појават со нешто што им штрчи од каросеријата. Ако некој помисли дека дизајнериве заборавиле на историските модели, тоа би било многу наивно. Горниот засек во линијата на задните прозорци и нејзиниот продолжеток во црната лајсна во Ц-столбовите, влече црти токму од Бе-Икс.

Благо воинствениот изглед му дава убедлива појава

Со посебно измешаната зелена боја со име Асторија и со црниот покрив, црните тркала што сјаат, со машки дизајнираните заштитни панели долу и арките на крилата, Ц5 Еркрос дури изгледа и малку воинствено, колку да личи, кога човек ќе се упати по планини и долови.

Во кокпитот важи шемата што веќе е позната од двојката Ц3 и Ц3 Еркрос, но со додадена вредност и со личотија. Денес, едноставното е убаво. Без какви било претерувања, целата арматурна табла се сведува на еден визуелен носач по целата ширина и на најголемиот дисплеј во целиот Стелантис, што тука е исправен, има пречник од 13 инчи, и дизајнерите за него велат дека личел како водопад.

Се чувствува штедењето, затоа што горната плоча од арматурната табла останала необложена, исто како и горните појаси на вратите или страничните површини од преградата за лакти меѓу седиштата. Но, Ситроен е фер марка, и за тоа надоместува со француска обработка, каде што може. Кој ќе тргне да кажува дека пластиката била тврда, брзо ќе подзапре, кога ќе види колку обемно е користено платно на сите страни.

Тоа што нема прекинувачи за грејачите во седиштата и нема физички команди за местење на температурата на климатизацијата, укажува дека и тука е подзаштедено. Целата бранша е под силен притисок за штедење, Кинезите притискаат.

На комфорот не се штеди во Ситроен Ц5 Еркрос

Но, таму каде што Ситроен е најширокоград, е воедно и подрачјето во коешто купувачите на возило од оваа големина и од оваа ценовна класа, се многу чувствителни, ако нешто не им се допаѓа. А, тоа е комфорот. Додека кај помалите возила, решава главно противвредноста и се мери според најмногу-кола-за-парите, тука се бара првенствено удобност.

А, за што друго Ситроен зборува погласно во изминативе години, освен за комфорот. За Ситроен Адвансд Комфор, со главните состојки – амортизација што кога е најпотребно реагира меко и седишта што се обложени подебело отколку во кој било друг модел од овој ранг.

Ц5 Еркрос воедно го донесува и врвот на серијалот за Напредниот Комфор на Ситроен, односно тоа е најудобниот модел на марката во моментов.

За сите забелешки, оцени и критики околу тестираниот модел, молиме погледнете го целото видео од тестот на Ситроен Ц5 Еркрос, на нашиот видео канал на Јутјуб и заследете ја Аутомедиа, покажувајќи поддршка за нашата работа.

Најсилни страни
+ Просторност на задната клупа
+ Примерна изработка и опремување на багажникот
+ Мошне штедлив мотор
+ Удобно подвозје на рамниште на средна класа
+ Целосна опременост со системи за асистенција
+ Богата стандардна опременост во Макс
+ Најдостапна цена во Ц-СУВ сегмент во изведба Ју

Забелешки
– Во детали можело да биде потемелна завршната изработка
– Бројни функции се префрлени од физички копчиња на дисплејот
– Под одреден агол на сонцето се јавува мал отсјај од рамката на проекцискиот дисплеј

Вредностите на потрошувачката на 4-те делници
Ситроен Ц5 Еркрос Хибрид Макс

Моделска изведба на тестот

  • Цитроен Ц5 Еркрос Хибрид 145 Макс
  • Редовна цена на моделот 36.990 евра
  • Цена со попуст 34.990 евра (попуст 2.000 евра)
  • Цена на тестираниот модел 38.240 евра
    – со црн покрив (440 евра) и боја асторија зелена (800 евра)
  • Цена на тестираниот модел со попуст 36.240 евра (попуст 2.000 евра)
  • Гаранција на возило: 2 години без ограничување на километри
  • Помош на пат: 2 години

Издвоени ставки од опременоста што се стандард во нивото Макс, дополнително од основниот модел

  • Активен темпомат и помош при возење во колона
  • Предупредување за возило во мртов агол
  • Предупредување за возило од попречен правец при излегување наназад
  • Систем за следење лента
  • Камера за будност на возач
  • Полуавтоматско престигнување
  • Темпомат со нагодување на брзината според свијокот
  • Паркинг сензори напред и приказ во 360 степени
  • Ретровизори со меморија и положба при рикверц
  • Матрични диодни светла
  • Проекциски дисплеј
  • Грејачи во волан
  • Грејачи во предни седишта
  • Седишта обложени со посебен материјал
  • Слабинско местење на предни седишта
  • Пречистување на воздухот во кабината од честички ПМ
  • Електрика за возачко седиште
  • Алуминиумски педали и диодни светла во просторот за нозе
  • Електрика за вратата на багажникот со кик-отворање

 

Претходна објаваGEELY СЛАВИ 2 ГОДИНИ ВО МАКЕДОНИЈА – РОДЕНДЕНСКИ ПОПУСТ ДО 5.000 €
Следна објаваСо 270 нарачки од прв ден: Донгфенг почна со продажба на електричниот Виго во Централна Америка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here