Вистината, дали новите мерки донеле поскапување или поевтинување на горивата, деновиве е тешко да се одреди. Еден фронт вели дека горивата не поскапеле, благодарение на решението за ДДВ-то за горива да се смали на 10%, додека на друг фронт му е појасна сликата и вели дека горивата поскапеле.
Според соопштението на Регулаторната комисија за енергетика од 23-ти март 2026 година, цената на моторните бензини БС 95 и БС 98 не се менува и останува соодветно на 93,00 и 95,00 денари за литар, благодарение на Одлуката за ДДВ за горива да се спушти од 18 на 10 проценти.
Но, во истото соопштение, понатаму се наведува и дека цената на дизелот се зголемува за 3,50 денари и од 24-ти март таа ќе изнесува 95,50 денари за литар. Дали граѓаните ќе се радуваат повеќе за тоа што бензинот не им поскапел, или сепак ќе трпат товар од тоа што дизелот ќе го точат поскапо?
Секако дека најрелевантен показател е соодносот во застапеноста меѓу патничките автомобили со дизел мотори и со бензински мотори во возниот парк. Според државната статистика, во Македонија во 2024 година биле регистрирани вкупно 580.210 патнички автомобили. Од нив, само 150.439 се бензинци, додека 365.947 се дизели.
Според тоа, повеќе возачки и возачи, од денес, сепак ќе плаќаат поскапо за да наполнат резервоар.
Понатаму, друга статистика открива дека дизел за транспорт во патен сообраќај, вклучувајќи ги товарните возила и автобусите, во 2012 година бил потрошен во количина од 292.812 тони, додека во 2024 година, количината пораснала на 675.053 тони, односно во Македонија се троши 2,3 пати повеќе дизел.
Кај моторниот бензин, одвај дека се јавува повпечатлив раст. Наспроти 105.522 тони моторен бензин во 2012 година, пред две години во возилата во Македонија бил согорен бензин во количина од 111.966 тони.
Автогасот во 2024 година имал слаб удел со 39.614 тони, посебно во споредба со врвот во 2019 година, кога во патниот сообраќај биле искористени 56.768 тони.
Други анализи не постојат, вклучувајќи го посебно факторот на подобрување на ефикасноста на поновите генерации дизел мотори кај товарните возила, меѓутоа од секојдневната слика по улиците е јасно дека денес се вози многу повеќе.
Во возниот парк влегуваат и 57.216 патнички автомобили што користат автогас, 5.087 се хибриди, 1.507 возила со погон на електрична енергија – вклучувајќи приклучни хибриди, па дури и 10 автомобили што работат на мешавина – со двотактен мотор.
















