
Пред повеќе од 80 години, на 27-ми декември 1945 година, од фабриката на Фолксваген излезе првиот сериски автомобил. Тоа беше Фолксваген Тип 1, на германски Кефер, на англиски Битл, кај нас Буба.
По 29.262 денови оттогаш, во минатава сабота, на 8-ми февруари 2026 година, во раните утрински часови излезе точно 49-милионитиот автомобил, произведен во Волфсбург. Славеничкиот модел беше пригодно наместен да биде Тигуан, модел што во моментов се продава одлично, поради побарувачката за изведбата со приклучен хибриден погон.
Во изминатите осум децении, секоја недела од фабриката излегувале во просек по 12.000 автомобили од погоните во Волфсбург. Не постои друга фабрика во светот, што има произведено толку автомобили во својата историја.
Во седиштето на концернот Фолксваген денес се произведуваат моделите Голф, Тигуан, Тајрон и Туран. В година доаѓа електричниот ИД.3, и тоа ќе биде првпат модел врз платформата МЕБ да се произведува тука. Кон завршетокот на деценијава ќе се приклучат и нови електрични модели врз платформата ССП, односно тоа ќе бидат електричните наследници на Голф и на Т-Рок.
Славеничкиот Тигуан ја мина 8-та позиција во 8-та хала точно во 4 часот и 4 минути. Автомобилот заминува за клиент од Тајван. Но, пред историскиот Тигуан да се качи на брод, денес на 12-ти февруари тој беше центар на „забавата“ во фабриката, затоа што вакви значајни моменти мора да се одбележат соодветно.
Од завршетокот на 1945 година, во Волфсбург се произведувале преку 50 различни модели од три марки на концернот, односно оттука излегувале и Ауди и Сеат.
Најмногу се произведени Голфови, вкупно 21,5 милиони, двојно повеќе од Бубата (10,8 мил.), трет е Тигуан со 3,9 милиони. Доколку сите произведени возила се наредат во линија, и се земе дека сите тие се долги колку денешниот Голф (4,28 метри) ќе се добие колона долга 210.000 километри. Тоа се пет обиколувања на Земјата.
Во декември 1945 година, од Волфсбург излегле само 57 возила. Шест години подоцна, продукцијата веќе надмина 100.000 возила, а рекордот е поставен во 1964 година, кога Волфсбург произвел 958.508 возила. Во минатата година, оттука излегоа 577.444 готови Фолксвагени.















