Пежо го пушти концептот што е најава за идниот 208 на европска турнеја

Близу шест месеци ќе трае турнејата на концептот Полигон, пред тој да се „претвори“ во сериски автомобил, односно во идната генерација на Пежо 208.

Оваа „кутија“ ќе патува долж и попреку Европа сé до средината на јуни

Концептниот автомобил Пежо Полигон ги прикажува основните контури на идната генерација на Пежо 208, којашто со изгледот повторно се навраќа на легендарниот 205, но секако доаѓаат и нови технологии. Полигон тргна на патувачко шоу, во моментов е во Шпанија, следно одредиште е Португалија.

Креативците во Пежо продолжуваат со нов пристап кога сцената треба да се подготви за доаѓање нов модел, ново лавче. Само во последниве години, пример беше Пежо 408, сместен во проѕирна топка и така качен на сложен механизам, за публиката да може да го види новиот модел од сите агли. Во истата насока, прототипи од 3008 беа пуштени да возат по јавни патишта низ Европа, со различни маскирни шари по каросеријата, за луѓе да го сликаат при средба и да објават на друштвените мрежи.

Следи уште една свежа идеја, со важниот Пежо Полигон, а важен затоа што во него се кријат и изгледот и технологиите на идната генерација на Пежо 208. Французите велат дека со Патувачко Шоу Полигон ја донесуваат на улица својата најсмела визија.

Ова патувачко шоу, во коешто концептниот автомобил Пежо Полигон ќе се појавува пред публика, пред новинари, пред минувачи, започна во Мадрид, на 23-ти јануари, каде што се задржа до 26-ти јануари, и веќе е на пат за соседната Португалија, кадешто ќе има „претстави“ од 30-ти јануари до 7-ми февруари. Потоа се на ред Париз, Лондон, Франкфурт, Амстердам, Брисел, Варшава, Виена.

Градовите во коишто понатаму ќе гостува Полигонот засега не се наведуваат, меѓутоа до средината на јуни, до кога е планирано да трае турнејата, има уште многу време и веројатност програмата да допре до поширок круг, доколку се покаже соодветно голем интерес.

Концептот Пежо Полигон е во целосно возна состојба

Концептниот Полигон ќе се појавува пред публиката заедно со Полигон Бокс. Идејата на Пежо е во идниот 208 да понуди можност сопствениците на возилото лесно да си ги заменат седиштата, воланот и тркалата со други, со различен дизајн, боја, форма.

Преку широкиот дисплеј со микро-ЛЕД, публиката ќе може да ги истражува новите функции на Полигон. Меѓу останатите големи новини се воланот Хајперсквер, со сосем различни контроли и патем „поврзан“ со механизмот за управување со тркалата преку кабел – идниот 208 веројатно нема да поседува класичен управувачки столб. Има новини и во Ај-Кокпитот, со широк дисплеј од 31 инчи, што веројатно ќе биде достапен како опција.

Претходна објаваСубвенциите за електрични автомобили во Германија може скапо да ги чинат домашните производители
Следна објаваДонгфенг почна да продава во Белгија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here