Во 2005 година, Пежо лансираше два модели што беа чиста спротивност еден со друг, меѓутоа делеа иста цел. Двата беа наменети за совладување на предизвиците на градското секојдневие.
Пежо 107 беше продолжение на успешната низа од достапни градски модели, почнувајќи од 104 од 1972 година, преку легендата на сите легенди, Пежо 205 од 1983 година, до 106 од 1991 година. Тој беше осмислен како едноставен, лесен и практичен автомобил за низ град и за секој ден.
Наспроти тоа, Пежо 1007 беше насочен кон технологија, различност, иновација и намера кабината да се доживее како простор што е среден отмено. Французите со лавовска марка го прикажаа предизвикот на тоа време. На луѓето им се допаѓаа автомобили што беа малечки, но повеќе заради тоа што се малечки и добри за низ град, и за коишто ќе платат повеќе, за да добијат третман како во поголем автомобил од обичен ков.
Пжо 107: Штедлив, лесен и едноставен градски автомобил, како по книга
Пежо 107 произлезе од меѓународна соработка, во рамките на Б-Зеро, заедно со Ситроен и Тојота. Јапонскиот производител ги донесе во проектот издржливоста и строго оптимизираните производствени процеси, додека Пежо ги вложи искуствата во конструирањето малечки мотори и практични каросерии.
Како резултат од тоа произлезе едноставна и привлечна кола, долга малку над 3,4 метри и тешка под 800 килограми. Тоа е автомобил што исклучително лесно се движи низ градскиот сообраќај.

Моделот стекна слава и со трицилиндарскиот мотор од 1,0 литар со 68 КС, којшто навистина трошеше под шест литри во град. Во тоа време, одлична вредност. Поретко се посегнуваше по 1,4-литарскиот ХДи, што повлекуваше посилно и имаше аскетска штедливост. И безбедноста беше задоволена, со воздушни перници, АБС, ЕСП и цврста каросерија.
Таа едноставна, но делотворна формула, привлекуваше купувачи речиси цела деценија. Моделот и денес се бара на пазарот на користени автомобили, од истите причини што привлекуваа купувачи да го нарачаат од фабрика. Точно градски автомобил од „старата школа“.
Пежо 1007: Мини МПВ што сакаше да го смени градот

Филозофијата зад Пежо 1007, што беше лансиран истата година, меѓутоа имаше многу повисоки амбиции, беше сосем различна. Инспириран од протитипот Сезам од 2002 година, 1007 воведе решение што до тогаш беше невидено во градската класа: Две странични врати задвижувани од електромотор, што се широки и овозможуваат лесен пристап и до задната клупа, само со мало повлекување на предните седишта. Деца без проблем се протнуваа до клупата. Уште една предност беше отсуството на проблеми со тесно паркирани возила, кога не останува простор за обични врати да се отворат.
Дизајнот е дело на Пинифарина и возилото е осмислено како МПВ со висока и кутиеста форма, но пак елегантна. Двојната нула во ознаката беше почеток на новата номенклатура што ја воведе Пежо, за да ги разликува моделите што беа нови и невообичаени во понудата на марката. Двојната нула остана до денес, од 2008 до 5008.
Внатрешноста исто така е различна, со задни седишта што лизгаат и се отстрануваат, потоа со комплети за нагласување на детали во кабината во живи бои, наречени Камилио. Имаше и неколку зафати како во премиум класата, а исто се внимаваше многу и на безбедноста. Малечкиот ван освои 5 ѕвезди на Еуро НКАП, што тогаш им успеваше на малку модели.
Моторите беа поголеми и посилни, вклучувајќи бензинци и дизели од 1,4 и 1,6 литар, со можност за комбинирање со електроактивен менувач 2-Троник.
Кога заврши производство на моделот 2010 година, Пежо не ја продолжи низата со наследник. Затоа, 1007 денес е вреден автомобил за возачки и возачи што сакаат нешто посебно на четири тркала.
















