Пазарот на малечки електрични автомобили порасна за 128 проценти

Продажбата на малечки електрични автомобили годинава се зголеми за повеќе од двојно, откако бранот нови модели, предводени од Рено 5, ја засилија побарувачката во сегментот во којшто преоѓањето од погон со мотори со внатрешно согорување кон електричен погон се одвиваше побавно отколку во останатите сегменти.

Рено 5 на брз полнач во Охрид за време на тестирањето во Аутомедиа
  • Франција и натаму е најголем пазар за малечки автомобили, па и тамошните производители се предводници во преоѓањето на електричен погон.
  • Производителите посочуваат дека цената на електричниот погон и строгите барања за безбедност водат кон поскапување и тоа ги одбива купувачите на малечки автомобили, на коишто цената им е најважна.
  • На сегментот на малечките автомобили му претстои голем раст, по пуштањето во продажба на неколку нови модели со мотор со внатрешно согорување и модели со електричен погон.

Продажбата на малечки електрични автомобили годинава се зголеми за повеќе од двојно, откако бранот нови модели, предводени од Рено 5, ја засилија побарувачката во сегментот во којшто преоѓањето од погон со мотори со внатрешно согорување кон електричен погон се одвиваше побавно отколку во останатите сегменти.

До завршетокот на август, продадени се 102.864 малечки електрични автомобили на европскиот пазар, покажуваат податоците од Датафорс. Тоа претставува раст од 128 проценти во споредба со лани.

Со овој раст се зголеми уделот на батериските електрични автомобили (БЕВ) во вкупната продажба, од 3,8 проценти лани, на 8,4 проценти годинава. Тоа уште е далеку зад уделот од 17,6 проценти на БЕВ во вкупната продажба на автомобили во Европа до август.

Франција и натаму е најголем пазар за малечки автомобили, па соодветно и производителите на автомобили од земјата го предводат префрлувањето од погон со мотори со внатрешно согорување на електричен погон.

Рено досега има регистрирано 43.863 примероци од ретро-моделот Рено 5. Новиот Ситроен е-Ц3 е втор најпродаван малечок БЕВ, со продадени 26.631 автомобили до август. БЕВ изведбата на Пежо 208 е трата, и покрај падот од 56 проценти.

Во осумте месеци, трите модели покриваат 80 проценти од продажбата на БЕВ во сегментот. Останатите големи производители, посебно концернот Фолксваген, допрво треба да се придружат.

Дачиа Сандеро е најпродаван малечок автомобил и воедно најпродаван модел на европскиот пазар годинава.

Групацијата Рено е доминантна во сегментот, со моделот Сандеро од романската марка Дачиа, којшто води и во сегментот и воопшто ја предводи целата продажба на автомобили на европскиот пазар. До август се продадени 166.760 примероци, и покрај тоа што продажбата е ослабена 9,4 проценти во споредба со лани.

Втор е Рено Клио со продадени 150.110 приероци, што претставува раст од 5,7 проценти. Францускиот модел остана привлечен за купувачите и покрај тоа што Рено веќе ја прикажа новата генерација на Клио, на салонот ИАА во Минхен.

Трет е Пежо 208.

Зошто малечките автомобили станаа жешка тема за политиката

Малечките автомобили станаа жешка тема во борбата за намалување на ЦО2.

Производителите на автомобили се жалат дека електричниот погон и строгите барања за безбедност при судир, ги поскапуваат возилата и тоа ги одбива купувачите на коишто цената им е најважна.

Продажбата во сегментот порасна 1,5 проценти, додека целиот европски пазар е движи на ланското ниво. Изборот на модели сепак е ограничен, со 28 модели на малечки автомобили, наспроти 47 модели што се нудат во сегментот на малечките СУВ.

Во Европа се продаваат 28 модели на малечки автомобили, додека кај малечките СУВ се нудат дури 47 модели. Еден од моделите што повеќе не се нудат е Форд Фиеста, којашто отсекогаш била меѓу најпродаваните модели во сегментот.

kia rio vincentric противвредност

Меѓу моделите што си заминаа од сегментот се Форд Фиеста, Киа Рио, Мицубиши Спејс Стар и Мазда 2.

Производителите на автомобили што се активни во тој сегмент бараат ЕУ да ги ублажи нормите.

Извршниот директор на Рено критикува за „цунамито“ од закони

„Имаме цунами од закони“, изјави извршниот директор на Рено, Франсоа Прово, пред новинарите, при лансирањето на новото Клио на салонот ИАА во Минхен во средината на минатиот месец. „Поради тоа, цените на автомобилите се превисоки. Како последица од тоа, ни се случува невидено стареење на возниот парк во Европа.“

Стелантис и Рено бараат да се воведе систем на кредитирање со којшто ќе се намали притисокот при продажбата на нови малечки автомобили со мотор со внатрешно согорување. Поради тој притисок, на големоволуменските производители значително им се отежнува постигнувањето на строгите норми за ЦО2.

„Тоа ќе ја забрза декарбонизацијата, поради тоа што кога ќе замените 15-години старо Клио со ново Клио, имате за 95% помалку емисија,“ кажа Прово.

Првата Фиат Гранде Панда во салонот на Аутомобиле СК

Во шестата генерација на Клио се нуди нова изведба со хибриден погон, којашто користи нов 1,8-литарски бензинец, со што емисијата на ЦО2 се спушта на 89 грами на км, од претходните 95 грами.

Во новото Клио нема да се вградува дизел мотор. Претходниот модел беше последниот малечок автомобил со дизел мотор на пазарот во Европа, со што се означи крајот на ерата на дизелот во тој сегмент, што траеше подолго од 40 години. Пежо ги популаризираше малечките дизели со моторот Икс У Д, што првпат беше вграден во Пежо 205 во 1983 година.

Фон дер Лајен: „Иднината е електрична“

Европската Комисија даде знаци дека ќе ги подджи локалните големоволуменски производители, во нивното префрлување од мотори со внатрешно согорување, во говорот на претседателката Урсула фон дер Лајен, на 10-ти септември. Таа кажа дека ЕУ ќе соработува со индустријата, во осмислувањето на новата иницијатива за нови малечки автомобили со достапна цена.

„Верувам дека Европа треба да има свој Е-автомобил. Чист, штедлив и лесен, во корист на животната средина. Е воедно стои и за Економично – достапно за народот. Е за Европско – произведено во Европа, со европските вериги на добавувачи,“ кажа таа. „Не смееме на Кина и останатите да им дозволиме да го освојат овој пазар. Без разлика на сé, иднината е електрична. Европа ќе биде дел од тоа. Иднината на автомобилите – и на автомобилите во иднината – мора да се создава во Европа.“

Кинеските производители побавно се пробиваат во сегментот на малечките автомобили, отколку во поголемите сегменти. На пазарот на малечки автомобили, тие имаат удел од само 3,7 проценти, за разлика од 8,2 проценти со коишто учествуваат во продажбата на компактни СУВ.

Корејските производители на автомобили учествуваат со 4,0 проценти во сегментот на малечките авотмобили, додека на Јапонците им припаѓаат 17 проценти. Главнината сепак им припаѓа на европските производители, со 76 проценти.

Продажбата на малечки БЕВ од кинеските производители е забавена, откако ЕУ воведе царини за увоз на овие автомобили од Кина.

Би Уај Ди пред завршетокот на годинава ќе започне со производство на Долфин Сурф во фабриката во Унгарија.

Новиот Би Уај Ди Солфин Сурф е 5-ти најпродаван малечок БЕВ, со 5.463 возила за осум месеци. Би Уај Ди во моментов го увезува моделот, но ќе ги избегне царините, откако ќе започне производството на Долфин Сурф, во новата фабрика во Унгарија, пред завршетокот на годинава.

Меѓу останатите малечки БЕВ секако е Донгфенг Нами Бокс, како и ЈАЦ Е30 Икс.

Една од можните причини за слабиот раст во сегментот на малечките автомобили е тоа што голем број модели во Топ 10 веќе се застарени.

Продажбата на тековниот ФВ Поло и сестринскиот модел Сеат Ибица, што заедно стартуваа во 2017 година, падна за 25, односно за 8,1 проценти. Исто и Тојота Јарис, на пазарот од 2020 година, падна за 8,1 проценти.

Голема офанзива од нови модели во сегментот во 2026 година

На сегментот му претстои голем раст, со пуштањето во продажба на неколку нови модели со мотор со внатрешно согорување и модели со електричен погон. „2026 е година на масивна продукт-офанзива“, кажа Патрик Хамел, автомобилски аналитичар во Ју Би Ес.

Покрај Рено Клио, нова генерација ѝ претстои и на Опел Корса, којашто ќе се нуди и во бензинска и електирчна изведба. На салонот ИАА во Минхен беше прикажан изгледот на идниот модел.

Пежо исто така ќе претстави нова генерација на 208, врз истата платформа Смол БЕВ, како кај Корса.

На Ибиза и Поло им претстои фејслифт во година. Уште една новина е Нисан Микра, којашто е варијанта на Рено 5.

Најважен новитет во сегментот сепак е новиот ФВ ИД Поло, еден од четирите модели од новото семејство малечки електрични автомобили на концернот Фолксваген, заедно со Купра Равал и уште два малечки СУВ.

ФВ најави дека ИД Поло ќе стартува под 25.000 евра.

По стагнирачката 2025, следната година може да донесе голем раст во еден од најголемите сегменти на европскиот пазар.

Претходна објаваЕлектричните автомобили на Стелантис и Рено од Кина поевтини од велосипед со новите субвенции во Италија
Следна објаваРелито со олдтајмери Бахус Класик по 1.000 километри возење се враќа во Скопје

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here