Новиот Рено Клио во сосем различен стил и со богата понуда од хибриди

Рено го почна развојот на шестата генерација на Клио од празен лист хартија. Тоа е најпродаваниот модел на Рено и втор најпродаван автомобил на европскиот пазар во првите седум месеци од годинава.

Францускиот производител ја одржуваше неизвесноста околу изгледот на новиот Клио до последен момент, до салонот ИАА во Минхен, каде што беше симнат велот на важниот новитет на марката. Салонот е отворен за јавноста од денес, 9-ти септември, и трае до 14-ти септември.

Преодот на Клио од 4-та во петтата гернерација во 2019 година повеќе беше еволуција. Вниманието тогаш беше посветено на внатрешноста и на новите системи за инфо-забава. Промените што сега ги донесува шестата генерација на Клио се многу поголеми. Продажбата ќе започне рано во следната година, најавија директорите.

Како резултат од целосната трансформација, новото Клио е пошироко и подолго од досегашниот модел, со поштедливи хибридни погони. Стилот во внатрешноста го следи примерот од електричната комбилимузина Рено 5.

Рено го цени својот нов Клио како спој на перформанси и функционалност на автомобил од компакт класа, спакувани во автомобил од градската класа.

Новините во кокпитот почнуваат од новиот волан што е изработен по пример на поголемите автомобили. Од еден до друг крај има 2,6 вртежи, наспроти 3,3 кај досегашниот модел, заради поголема агилност

„Се обидовме да бидеме иновативни, кративни и непредвидливи во релативно ограничените рамки“ на сегментот на малите автомобили, изјави извршниот директор на марката Рено, Фабрис Камболив, кога лани за време на салонот во Париз го најави новото Клио, што сега се појавува како готов модел.

Откако се појави првата генерација на Клио во 1990 година, Рено има продадено преку 17 милиони Клиа. До јули годинава, француската марка продаде 137.969 примероци од моделот, што е раст од 6,4 проценти, покажуваат податоците од Датафорс. Повеќе од тоа се има продадено единствено Дачиа Сандеро со 152.600 примероци, како апсолутен шампион годинава.

Меѓу главните соперници на Клио се Пежо 208, Опел Корса, Ситроен Ц3, Тојота Јарис и Шкода Фабиа, наведени според нивната продажба.

Задната клупа во Клио. Рено тврди дека назад има место за тројца патници

Поголема моќност на хибридните модели на Клио

Клио се издвојуваше во сегментот со понудата од бензинци, хибриди и модели со погон на автогас. Тој до јули е втор најпродаван хибрид по Јарис, со 38.441 примероци, што сочинува околу 30 проценти од вкупната продажба на Клио. Тој е воедно втор најпродаван модел со погон на автогас по Сандеро, со 23.129 примероци, што одговара на 17 проценти од продажбата.

Продажбата на Клио се одржуваше на постојано ниво во текот на годинава, иако Рено во истиот сегмент го понуди целосно електричниот Рено 5 (видео од тестот), со стил на историскиот модел.

Рено го вградува во Клио новиот полн хибриден погон што се базира на 1,8-литарец (во сегашниот модел работи 1,6-литарец). Овој погон првпат беше вграден во новата Дачиа Бигстер. Моќноста порасна од 145 на 160 КС, а емисијата падна од 95 грами на 89 грами ЦО2 на километар.

Клио е околу 7 сантиметри подолг од сегашниот модел, со тоа што најголемиот дел од тој раст се сведува на каросериските препусти

Забрзувањето до темпо сто трае 8,3 секунди, што е една секунда побрзо од сегашниот модел со хибриден погон.

Основен мотор е 1,2-литарец со три цилиндри, со 115 КС и спринт до темпо сто за 10,1 секунди. Истиот мотор е основа и на изведбата со погон на автогас, којашто ослободува 5 КС повеќе и во исто време има емисија на ЦО2 што е пониска за 7 грами на километар.

Дизел повеќе не се нуди во гамата на Клио.

Платформата на новиот Клио е ЦМФ-Б, исто како претходникот. Возилото е долго 4.120 милиметри, додека сегашниот модел е долг 4.050 милиометри. Меѓуоскиното растојание порасна 8 милиметри, а тоа значи дека растот во најголем дел отпаѓа на препустите. Ширината изнесува 1.770 милиметри, односно 39 мм повеќе од претходно.

Предниот дел на новото Рено Клио има повеќе фокусирана маска и светла што ја следат формата на логото на марката.

Промените кај новото Клио се најзабележливи во надворешниот дизајн, којшто доаѓа како големо освежување, откако моделот од петтата генерација изгледаше слично со претходникот.

Главниот дизајнер на групацијата Рено, Лоренс ван ден Акер, го опишува изгледот на Клио како стрела што е затегната во стрелачки лак, со долга хауба и со странична линија што се искачува кон задните столбови.

Рено во новото Клио гледа „посебно скултурирана, сензуална силуета“, и изглед што е „повеќе латински од кога било досега“, со линија на покривот што личи како за купе.

Ван ден Акер посочи на сокриените кедари околу прозорците, со што е постигнато каросеријата непосредно да преоѓа во страничните стакла и на тој начин се добива мазен дизајн. Рачките во задните врати и натаму се сокриени во задните столбови. За спортската појава придонесуваат впечатливиот заден спојлер, страничните прагови и антената како перка на ајкула.

Напред, маската на Клио е повеќе нагласена, со светлечка шема во форма на дијамант во дневните светла, во формата на логото на Рено. Задните четири светла се инспирирани од тркачки автомобил, посочува производителот.

Внатрешноста е слична со електричниот Рено 5, со два дисплеи од по 10 инчи што се поставени едно до друго и со средишен дисплеј што е свртен кон возачот. Управувањето има само 2,6 вртежи од еден до друг крај, наместо 3,3 кај сегашниот модел, со што Рено сака да постигне поголема агилност во возните својства, исто како кај Рено 5 и Рено Меган Е-Тек.

Впечатлив спојлер, антена како перка на ајкула и задни светла инспирирани од тркачки автомобил.

Клио има инфо-забавен систем Гугл

Исто како останатите нови модели на Рено, Клио поседува ОпенР линк со вградениот инфо-забавен систем од Гугл. Тоа значи дека услугите на Гугл, како Мапи, Асистент и Плеј се стандард во возилото.

Видеото од тестот на Рено 5 во Аутомедиа

Преку Гугл Плеј се достапни околу 100 апликации. Сопствениците имаат на располагање пренос на 2 гигабајти податоци месечно, во период од три години. Рено цени дека со тоа се покрива секојдневното слушање музика или стриминг на видео. Со доплата се добива поголем трансфер.

Рено не соопшти точен датум кога ќе почне испораката на новото Клио. Производството е во Бурса, Турција. Фабриката досега има произведено преку 5 милиони Клиа и годинава почна да ја произведува и Дачиа Дастер.

Претходна објаваШкода ќе го продава електричниот Епик по цена на бензински Камик
Следна објаваВо Европа во 2028 година ќе се продадат повеќе електрични автомобили отколку бензинци и дизели

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here