
Дачиа со својот Бигстер пристапува во сегментот на компактни СУВ, каде што владее жестока конкуренција, но и се постигнува добра заработка. Првите испораки ќе следат во почетокот на 2025 година. Ценовникот почнува малку под 25.000 евра, со понуда од повеќе видови погон.
Како сите модели на Дачиа, Бигстер е конструиран врз платформата ЦМФ-Б на групацијата Рено, односно основата е иста со помалиот Дастер, сé до Б-столбовите. Бигстер е долг 4.570 милиметри, што е 250 милиметри повеќе од Дастер. Со висината од 1.710 милиметри, новиот модел е 50 милиметри над популарниот СУВ на Дачиа. Во меѓуоскиното растојание има 40 милиметри повеќе простор кај Бигстер (2.700 милиметри).
Дополнителната должина се искористува за багажник што располага со зафатнина од 667 литри, односно 150 литри повеќе од новиот Дастер. Повеќе простор има и за колената на задните патници. Двата модели биле развивани истовремено, откри главниот дизајнер на Дачиа, Дејвид Дуран.
Бигстер ќе почнува под 25.000 евра, за моделска изведба без електрифициран погон. За хибридниот модел треба да се смета на преку 30.000 евра. Нова погонска единица во понудата е хибридот со системски 155 КС, што е за 15 КС повеќе отколку во хибридниот Дастер. Оваа дополнителна моќност произлегува од зголемената работна зафатнина (1,8 литар), односно од продолжениот óд на клиповите. Новина претставува и 48-волтниот благ хибрид со 140 КС, што може да согорува или бензин или автогас. Може да се избере и изведба со погон на сите тркала.
Дастер на македонскиот пазар почнува од 21.450 евра.
Освен новите погонски единици, Бигстер донесува уште неколку премиери во Дачиа. Повеќето од нив се достапни како опција: Електрика за седиштата, електрика за вратата на багажникот, двобојна каросерија, двозонска автоматска клима и панорамски покрив.

Дачиа изнајде начини да заштеди кај овие ставки, кажа извршниот директор Денис Ле Во. Тоа меѓу другото се однесува на вградување еден електромотор за отворање на задната врата, место два електромотори. Други пример е тоа што соборените светла користат диодна техника, додека долгото светло е изведено со класични жаречки светилки.
Ле Во кажа дека било разговарано со 400 лица, кои биле прашани што тие ценат дека е најсуштинско во еден компактен СУВ-модел. Најмногу испитаници имало во Германија, што шефот го цени како најраздвижен пазар во Европа, како и место на коешто Дачиа очекува да ги најде своите клиенти.
„Си рековме, да направиме автомобил што ќе го погодува јадрото на сегментот на компактни СУВ, и ако тоа можеме да го постигнеме тука, ќе можеме да го постигнеме насекаде,“ кажа Ле Во во интервјуто при премиерата на Бигстер во Берлин.

Дачиа не сака да излегува со предвидувања за продажбата на Бигстер, но Ле Во кажа дека покрај 2,8 милиони продадени возила на годишно ниво во целиот сегмент на компактната класа, тој цени дека постои голем број можни купувачи што би го зеле предвид Бигстер. Дополнително влијае и фактот што просечната цена по којашто се продаваат моделите во овој сегмент надминува 35.000 евра.
Најпродаван компактен СУВ-модел во Европа годинава е Фолксваген Тигуан, со продадени 118.722 возила, според податоците од Датафорс. Веднаш по него следи Киа Споргаж. Дачиа Џогер, којашто повеќе е кросовер, отколку СУВ, се наоѓа на 10-то место, со продадени 60.922 возила.

Под раководство на Ле Во и извршниот директор на групацијата, Лука де Мео, Дачиа ненападно го унапреди имиџот на марката, и од нискобуџетска прерасна во „марка со висока противвредност“ којашто става нагласок на природата. Целта за оперативната маржа е таа да достигне 15 проценти во 2030 година, почнувајќи од сегашните десетина проценти. За таа цел да се постигне, од помош ќе бидат СУВ и компактни модели, каде што и маржата е повисока отколку кај помалите модели.
Намалување на емисијата на штетни материи
Емисијата на карбон за изведбата со хибриден погон со 155 КС изнесува околу 110 грами по километар, додека 48-волтниот благ хибриден погон со 140 КС, при автогас како погонско гориво изнесува 115 грами на километар. При работа на бензин, емисијата е 129 грами на километар.
Понудата ја заокружува благ хибрид од 130 КС за моделите со погон на сите тркала. Дачиа не ја соопштува неговата емисија на карбон.

Изведбата со погон на автогас располага со два резервоари, еден за гас, еден за бензин. Дачиа наведува дека околу 38 проценти од продажбата отпаѓа на овој вид на погон, којшто е најбаран во Италија, Полска и Турција. Продажбата на изведбите со погон на автогас нагло расте во Шпанија и Франција. Автогасот донесува значителна заштеда во трошокот за гориво, со просечна цена од 99 центи за литар ЛПГ во Европа, што е половина од цената на бензинот.
Дачиа не ја објави точната цена за Бигстер, но наведува дека доплатата за системот за автогас се враќа по 15.000 километри.
Бигстер ќе се произведува во фабриката на Дачиа во Питешт, Романија, веднаш покрај Дастер. Моделот Сандеро доаѓа од Мароко, исто како и Џогер.
Бигстер пристига во салоните во првото тромесечје од 2025 година. Моделот ќе се произведува заедно со Дастер во Романија.















