Најпродаван модел на кинески Донгфенг Мотор во првите шест месеци од 2025 година на 28 најголеми автомобилски пазари во Европа е СУВ-моделот со приклучен хибриден погон ДФСК Е5. Веднаш по него е локалниот шампион Фортинг Т5 Ево, трет е целосно електричниот Донгфенг Бокс.
Близу 6.000 продадени возила е билансот од продажбата на моделите од марките на кинескиот производител Донгфенг на 28 главни пазари во Европа (ЕУ без Бугарија и Малта, плус Швајцарија, Обединетото Кралство и Норвешка) во првите шест месеци од 2025 година.
Голема е веројатноста дека во второто полугодие ќе следи натамошен раст, имајќи предвид дека повеќето модели штотуку стартуваат на поширокиот европски пазар и потребно е да мине извесно време додека пазарот се увери во производителот и во неговите марки Фортинг, ДФСК, Еолус, Воја и други.
Македонскиот пазар веќе одамна ја мина таа фаза, по неколку години солидна продажба на ДФСК 580, којшто беше „само“ голем автомобил со огромна противвредност во категоријата на цени до 20.000 евра. Се покажа дека тој направи одлична подготовка на теренот, затоа што првиот следен успех на Донгфенг на македонскиот пазар му припадна на Фортинг Т5 Ево, што беше убедлив во конкуренција на модели до 30.000 евра.
Во Унијата владејат сосем различни услови. Европа ја брани сопствената индустрија од кинеските производители, за коишто светот во меѓувреме стана сосем свесен дека не нудат само „поевтино и површно“, туку напредуваа и во поглед на севкупната зрелост на нивните автомобили.
Во време кога ЕУ се брани од бранот електрични модели од Кина, а луѓето сакаат нова свежина и преоѓање на „новиот“ погон, не зачудува тоа што верзијата од новата генерација на ДФСК 600 (наследник на 580) со приклучен хибриден погон и ознака Е5 ПХЕВ, се најде највисоко на списокот на најпродавани модели на Донфгенг.
За шест месеци се продадени 1.149 примероци од ДФСК Е5 ПХЕВ на 28-те најголеми пазари во Европа. Според вебсајтот на македонскиот увозник АБЦ Брадер, тоа е модел што чини 30.900 евра, со 1,5-литарски турбо бензинец и со електромотор од 130 кВ, со досег на струја од 87 километри.
Приклучниот хибриден погон е „излезот“ за кинеските производители, чијшто електро-бран беше задушен од ЕУ со воведувањето царини во минатата есен. За хибридите уште нема царини, така што нивниот пробив е непречен.
Вториот модел на листата е познајник од македонската сцена, погоре спомнатиот Фортинг Т5 Ево. Овој СУВ од средна класа со мотор Мицубиши, во меѓувреме почна да доаѓа на нашиот пазар во фејслифтираното моделско годиште. Многу нешта се сменети во изгледот и во опременоста, тоа што не се смени е цената од 28.900 евра. Европа вели 1.076 примероци до јули. Домашниот пазар не води статистика, меѓутоа е сосем издржана процената дека кај нас се продаваат близу стотина примероци од шампионот, најзабележаниот кинески автомобил досега.
На тема царини за електрични автомобили во ЕУ, одговорот го дава моделот на третото место. Тоа е градскиот автомобил со кабина како на компакт и изненадувачки благородна изработка, Донгфенг Бокс – најдостапниот ЕВ на македонскиот пазар, со цена од близу 23.000 евра во поскапата изведба.
ЕУ за Донгфенг одреди царина од 20,7 проценти, за разлика од САИЦ (прозиводител на МГ), којшто беше „казнет“ со највисока царинска стапка и Унијата му одреди 35,3 проценти. Производителите што помалку соработуваа со ЕУ при истрагата дали Пекинг финансиски им помага на своите компании, добија повисоки царини, и обратно. Донгфенг е меѓу привилегираните.
Со царина од 20,7 проценти, плус претходно важечките 10% за кинески автомобили, Бокс е трет најпродаван Донгфенг, со 1.015 примероци за половина година.
Одлично минува и Серес 3, иако во меѓувреме имаше промена во соспственичката структура, но тоа не го менува фактот дека електричниот СУВ е развиен во времето на Донгфенг.
Високо котира и луксузниот ван со седум седишта Фортинг Ју-Тур, за којшто исто така постои соодветно голема побарувачка на нашиот пазар. Меѓу моделите што се издвојуваат со продажбата се наоѓа и самиот ДФСК 600.
Еолус Шајн се појавува на списокот. Лимузината со врвна аеродинамичност и соодветно ниска потрошувачка на тестот, испиша ново поглавје, менувајќи ја сликата за најдостапен модели на нашиот пазар, со силен мотор, одлично подвозје (платформата е развиена заедно со Стелантис), и со вообиачената богата опременост.
Видеото од тестот на Еолус Шајн
Шајн за шест месеци се продал во 14 примероци. Тоа е речиси едномесечна продажба на моделот во Македонија.
Нашиот пазар пак е во предимство. „Европа“ уште нема слушнато за Еолус Мејџ и Хјуџ.
















