Фолксваген продаде еден и пол милион електрични автомобили од серијата ИД

Во присуство на премиерот на сојузната покраина Долна Саксонија, Олаф Лис, и членовите на управниот одбор Мартин Зандер и Каи Груниц, едно и пол милионитиот електричен Фолксваген од серијата модели ИД му беше предаден на сопственикот.

Последното големо поглавје на марката Фолксваген, па и на целиот концерн, се поврзува со ТДИ моторите и крупните промени што ги донесе дизелот што стана и побрз и поштедлив од кој било дизел пред тоа. Во тек е следното поглавје, што ја зафаќа целата бранша и производителите тука немаат избор, освен да се борат и тука да бидат први. На матичната марка Фолксваген засега ѝ врви одлично со електричните автомобили.

По кусото колебање со електричните автомобили што беше предизвикано со тоа што парите на даночниците се трошеа за субвенционирање на продажбата на не-германски електрични автомобили, па следеше нагло укинување на субвенциите и пад поширок на целиот ЕВ-пазар во Европа, нештата во меѓувреме продолжуваат со помирен тек.

Во присуство на премиерот на сојузната покраина Долна Саксонија, Олаф Лис, во фабриката на Фолксваген во Емден му беше предаден 1,5-милионитиот електричен автомобил од серијата модели ИД на новиот сопственик. Славеничкиот модел е мошне претставителен за поводот, тоа е ИД.7, најголемиот и најскап ЕВ на Фолксваген, во изведбата комби со име Турер и уште во врвната изведба Про, а тоа значи со голема батерија што држи енергија за 606 километри пат. Според ФВ, тоа е најдобар досег во средната класа, каде што спаѓа ИД.7, односно електричниот наследник на Пасат.

Првиот модел од серијата, компактната комбилимузина ИД.3, беше испорачан пред близу пет години. Денес Фолксваген ја предводи продажбата на ЕВ, не само во Германија, туку и во цела Европа. Според директорот за продажба Мартин Зандер, со тоа се „потврдува дека ги имаме во понуда вистинските возила за нашите клиенти.“ Тој додаде дека ФВ го дава тактот при подемот на електромобилноста.

Премиерот на Долна Саксонија, Олаф Лис, кој и самиот се возеше во службен ИД.7 во време на претходниот мандат како министер за финансии, на свеченоста порача дека возилото е „моќен дел од Долна Саксонија и доказ за способноста на нашата покраина да се менува.“

Во изминатите години концернот вложи преку една милијарда евра во пренамената на фабриката за да произведува само електрични авотмобили. Покрај Цвикау и Дрезден, Емден е трета фабрика на ФВ во светот, од којашто излегуваат само автомобили со погон на струја.

Видеото од тестот на Фолксваген ИД.4 во 2023 година

Модели од семејството ИД се произведуваат и во Хановер, во Чатануга, САД и во Фошан, Шангша и Антинг во Кина.

Една година по ИД.3, марката го додаде својот втор модел развиен само за погон на струја (претходно се произведуваа Голф и Ап во електрична изведба), ИД.4 и неговата купе изведба ИД.5. Потоа следеше комбито ИД.Баз, во стилот на Були.

Во минатата година почна продажбата на ИД.7 и комби изведбата ИД.7 Турер. Во првото полугодие, тоа е најпродаван електричен автомобил во Германија.

Владата во Берлин уште ги нема вратено субвенциите. Поттикот за продажбата на ЕВ доаѓа главно од пазарот на службени возила, за коишто фирмите добиваат даночно ослободување.

В година доаѓа градски модел ИД.2 со цена под 25.000 евра, а по него е на ред уште еден модел, ИД.1, што ќе го спушти прагот под 20.000 евра.

Претходна објаваДонгфенг во првото полугодие продаде 6.000 возила во Европа, Фортинг Т5 Ево на врвот
Следна објаваВо Италија заедно со хотелски престој се букира и Фиат Тополино

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here