Со производството на комбилимузината од компакт класата во Европа, Киа ќе може побрзо да ја приспособи продукцијата според побарувачката, соопшти компанијата. ЕВ4 ќе биде трет модел на Киа од Жилина, покрај бестселерот Спортаж и целото моделско семејство на компактот Сид.
Уште една погодност за Киа со произведувањето на ЕВ4 во земја на ЕУ место во Кореја, ќе биде можноста за нејзините модели да се квалификуваат за субвенциите во Франција и во Обединетото Кралство. Услов за некој модел да се квалификува за субвенциите е одреден процент на деловите за возилото да е од локално потекло, вклучувајќи ја батеријата, како и местото на завршната монтажа на возилото.
Корејскиот производител има големи очекувања за компактната комбилимузина и без владината поддршка. Киа очекува годишно да продава по 160.000 примероци од ЕВ4, со тоа што половината од продажбата ќе биде постигната во Европа, пишуваат корејските медиуми.
Директорот за продажба во Киа Европоа, Карлос Лаос, убеден е дека ЕВ4 ќе го повтори успехот на ЕВ3, којшто се продава одлично и во првото полугодие постигна близу 37.000 продадени примероци.

Побарувачката за компактниот СУВ-модел со електричен погон е главната причина за растот од 60 проценти во продажбата на батериски електрични модели на Киа во Европа во првото полугодие. Според аналитичарската куќа Датафорс, Киа до јули продаде преку 57.000 батериски електрични возила на европскиот пазар.

Киа верува дека доаѓањето на ЕВ4 ќе влијае и за зголемување на пазарниот удел на марката во Европа, којшто во првото полугодие се намали незначително на 4 проценти, од 4,1 проценти во истиот период лани.
Киа Европа планира да почне со испорака на ЕВ4 во септември. Конкуренти се Фолксваген ИД.3 и Рено Меган Е-Тгек. Цената во Германија е 37.590 евра, што е за 1.600 евра повеќе во споредба со Киа ЕВ3.
ЕВ4 ја користи истата платформа со ЕВ3, што се произведува во Кореја. Истата платформа Е-ГМП ја користи и Хјундаи за своите возила.
Видеото од тестот на Рено 5
Возилото е долго 4.430 милиметри (130 повеќе од ЕВ3), широко е 1,860 милометри и високо 1.485 милиметри.
Исто како кај ЕВ3, може да се избира меѓу батерија од 58,3 кВч и 81,4 кВч. Досегот на ЕВ4 со поголемата батерија е 590 километри.
При глобалното лансирање на моделот во февруари, Киа најави дека со ЕВ4 сака да го „редефинира“ компактниот сегмент со „свеж пристап“.
По ЕВ4, в година доаѓа ЕВ2, малечок СУВ, којшто исто така ќе се произведува во Словачка.
















