БМВ Икс 3 · Тест · Погонот лична карта, возните својства пасош

Колку производителот од Минхен им придава значење на одделните подрачја на своите автомобили, најдобро се осознава преку материјалот за новинари. Од вкупно 51 страница, БМВ со сила посветува неколку страници за дизајнот, но затоа десетина густо испишани страници за погонот и уште 5 страници за возните својства. На оваа марка, погонот ѝ е лична карта, а возните својства ѝ се пасошот. Што направи БМВ за својот бестселер Икс 3 во новата генерација? Тест на Аутомедиа.

БМВ се врати во форма, буквално. Или можеби е поточно да се каже дека БМВ излезе од форма. Тоа што ѝ успеа на денешната Серија 5, со изгледот јасно да двои од сите претходни генерации и да се препознава како Г60 од километар, сега го повторува и новата генерација на Икс 3, за којашто фановите секако нема да пропуштат да додадат дека тоа е Г45.

Пропорциите се чини како да се изместени. Носот е превисок, преширок, предолг, и сé зад него се губи од поглед, исто како почетник фотограф кога ќе земе да слика и ќе го утне и аголот и објективот. Ветробранот е низок и релативно исправен, одвај дека страничните прозорци потсетуваат на БМВ, но токму тоа разбива каков било обид да се најде хармонија во овој изглед.

Исто и задните крила се прешироки и пренагласени, а работата со задните столбови изгледа како дизајнерите да се откажале и изгубиле волја да работат на дизајнот на новата Икс 3. Задните светла се предолги, стаклото во вратата на багажникот е прениско. Нема рабови, нема карактерни црти, нема хромирани украси, отвори за воздух за моќните мотори. Но, и покрај сé, ова е најубавата Икс 3 на сите времиња.

Оваа Г45 изгледа како што Икс 3 отсекогаш требало да изгледа

Нема љубител на БМВ што нема поминато часови, а реално години, во гледање фотографии, видеа со автомобили од својата омилена марка, што ќе си дозволи да каже дека Г45 изгледала неубаво. И не само љубители на БМВ. Ова е историско излегување од шемата. Ако БМВ Икс 3 досега беше забележувана само поради тоа што е БМВ, сега ќе биде забележувана поради тоа што е убава.

Светот не помни кога автомобил последен пат пристигнал на тест од М Кар без пакет М Шпорт. А кај примероков на тест, тоа значи: Различни браници од стандардните, проширени прагови, тркала од 19 инчи, М каросериски украси во сјајна црна боја, внатре М алуминиумски плочки и темен таван, М кожен волан, седишта обложени со алкантара/веганца – и најважното, М спортско подвозје, управување со променлив преносен однос.

Слатка како карамела

Бојата е уште еден врв, тоа е Дина Сива, првпат користена кај Г45 и веројатно боја што потсвесно ќе ја изберат сите што прво помислиле дека нивниот нов БМВ ќе го нарачаат во бела или сребрена боја. Металик, патем.

Уште една опција што го прави доживувањето кај ова БМВ се седиштата во материјалот што БМВ го нарекува веганца, во кафена боја, што мрзачите на технолошкиот напредок ќе наречат дека била вештачка кожа, меѓутоа реално е блиску до кожа – и помалку е „штетна“ по џебот. Кој е толку упорен, на располагање стои мека мерино кожа, што соодветно чини 3.350 евра во германскиот ценовник.

Набројувањето на вклучените опции во тест возилото не е невозможна мисија, затоа што стандардната опременост е освежувачки богата. Од малкуте опции, тука има приспособливи диодни светла, аудио систем харман кардон, слабинско местење за предните седишта, приспособливо подвозје (600 евра според германски ценовник), осветлена рамка околу бубрезите во маската, и толку.

Исклучително богата сериска опременост

Икс 3 не излегува од фабрика без електрика за вратата на багажникот, пристап без клуч, без амбиентално светло и интеракциска лента, тризонска автоматска клима, спортски седишта со електрика и греење, безжичен полнач, радарски темпомат со целосно запирање при застој на пат. Импресивно.

Тоа што не импресионира помалку е просторноста на задната клупа. Дури е збунувачки колку простор се добива назад. Во споредба со Г01, новаков во изведба М Шпорт е подолг 47 милиметри, поширок 29, понизок 16 милиметри, со еден милиметар екстра во меѓуоскиното растојание. На тоа следат уште 20 литри екстра во багажникот (570 литри), односно 100 литри екстра со соборена клупа (1.700 литри). Второво покажува колку повеќе простор се ослободило на задната клупа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)


Сосем неочекувано за БМВ е функционалноста во багажникот, со посебна преграда за касетата со покривката на багажниот простор, со куки за прицврстување, мошне домаќински.

Овој Икс 3 најмногу е БМВ во возење. Моторот тука е дволитарски дизел, којшто ослободува 7 КС повеќе отколку во претходникот, но бројни зафати се преземени, не само во насока на зголемвуање на моќноста, туку и култивираноста, потрошувачката, емисијата. Клиповите се изработени од темпериран челик и страниците се обложени со графит, блокот е олесенет, оптимирано е впрскувањето гориво, исто како и твин-турбото. Вртежниот момент од 400 њутнметри сега се постигнува при 1.500 вртежи, што е 250 вртежи помалку. Крајната брзина порасна на 215 км/ч (+2), забрзувањето до темпо сто се скуси на 7,7 секунди (-0,2), потрошувачката се намали за 0,2 литар (6,7).

Како се покажа потрошувачката на 4-те делници од новата стандардна тест-рута на Аутомедиа, може детално да се погледне во видеото.

Главните технички податоци и цената се наведени во нашиот онлајн-каталог со сите нови автомобили на македонскиот пазар Автосало.мк

BMW X3 20d xDrive

За возните својства, за изненадувачкиот комфор со опционалното адаптивно подвозје што исто така изненадува со повеќе од прифатливата цена на опцијата (600 евра во Германија), за кокпитот што прикажува посовремен оперативен систем од компјутерот дома, и за сите впечатоци од тестот, сé е прикажано детално во емисијата на нашиот канал на Јутјуб, долга речиси еден час.

Претходна објаваБританија дава субвенции за да забрза продажбата на електричните автомобили
Следна објаваКинеските производители ГАЦ и ЈАЦ со огромни загуби во вториот квартал

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here