Повеќе од сто новинари и дилери на КГМ учествуваа на промоцијата и тест возењето на новиот Ектион во Истанбул. Моделот од врвот на понудата на корејската марка е осмислен како купе-изведба на Торес, поголема и поблагородна.
Премиерата на Ектион во Турција е првиот настан од глобален карактер, што корејскиот специјалист за теренски возила го има во агендата за годинава. По појавување на престижниот модел пред европскат јавност на салонот во Брисел, на настанот во Истанбул се одржа тест возење во подрачјето околу градот што ги спојува Европа со Азија.
Настанот се одржа на 29-ти јануари во хотелот Гранд Тарабија во Саријер, во северниот дел на Истанбул.
КГМ, кусо од КМ Мобилити, а некогашен Сангјонг, првпат го покажа новиот Ектион пред светот во август 2024 година, како почеток на новата стратегија на КГМ што се води како практична креативност. Моделот претставува спој на елегантен изглед на купе, со функционалност и практичност на СУВ, со стил што се вклопува во секојдневната градска слика.
Новиот Ектион практично е продолжување на поглавјето што корејскиот производител го имаше во средината на 2000-те години, кога тогаш под марката Сангјонг излезе на пазарот со еден од првите купе-СУВ модели на пазарот. За разлика од тогашниот модел, што прикажуваше различна естетика од таа на којашто е навикнато окото на европските купувачи, денешниот Ектион настапува со многу поубедлив и подопадлив изглед.

КГМ при развојот на новиот модел стави нагласок на перфомансите, динамичните возни својства и на стилот. Посебно обележје во изгледот е линијата на покривот, со масивен заден столб и дебела линија над страничните прозорци, слично на Торес. Според дизајнерите на марката, тоа го нагласува имиџот на Ектион како градски СУВ, а воедно укажува и на просторната кабина.
Турција е пазар што масовно се префрлува на СУВ, а во исто време расте и побарувачката за автомобили со чиста емисија и електрифициран погон. Автомобилите од корејските производители уживаат и голема почит меѓу тамошните возачи, поради што КГМ се надева на голем раст во продажбата во следните години.

Во минатата година, КГ Мобилити продаде дури 11.870 возила во Турција, што е петпати повеќе отколу една година пред тоа, кога беа продадени 2.217 возила. Тоа на КГМ му обезбеди и наслов на најбрзо растечка марка на доставни возила и автомобили. Од Ектион се очекува да донесе нов раст во продажбата годинава.
Претставник од КГМ на настанот соопшти дека производителот во последниот месец од минатата година постигнал историски најголема продажба во својата историја. Голема улога во тоа секако дека има и растот во продажбата на извозните пазари.
Планот за годинава, конкретно за турскиот пазар, е понудата да се збогати со електрична изведба на пикапот Мусо (соработка со БИД) и со хибридна изведба на Торес (соработка со Чери).
Основни технички податоци · КГМ Ектион
Димензии
- Должина 4740 мм
- Ширина 1910 мм
- Висина 1670 мм
- Меѓуоскино растојание 2680 мм
- Круг на вртење, полупречник 5.43 м
- Растојание од подлога 205 мм
- Зафатнина на багажник 703 литри
- Тежина 1580 кг
- Тежина на приколка 1500 кг (со сопирачки)
Погон
- Мотор 1,5 литарски, бензин, 4 цилиндри, турбо, директно впрскување
- Моќност 120 кВ / 163 КС при 5.000 вртежи
- Вртежен момент 280 њутнметри меѓу 1.500 и 4.000 вртежи
- Потрошувачка ВЛТП 8.6 литри /100 км
















