Фолксваген задева со електричен автомобил за 20.000 евра, контра Кинезите

Фолксваген објави цртеж од својот иден модел што ќе биде почеток на понудата од електрични автомобили.

Малечкиот автомобил ќе биде новиот почетен модел во понудата од електрични автомобили на марката Фолксваген, што се водат како членови на семејството модели ИД.

Моделот веројатно ќе биде означен ИД.1 и ќе се натпреварува против малечките електрични автомобили со ниска цена, од кинеските марки, но и од европските соперници на ФВ, посебно Рено.

ЕВ-моделот ќе биде „достапен, со висок квалитет и профитабилен електричен Фолксваген од Европа за Европа,“ изјави на 5-ти февруари извршниот директор за марката Фолксваген, Томас Шефер, пред работниците во седиштето на производителот во Волфсбург.

Шефер најави дека минито првпат ќе се појави пред јавноста во почетокот на март.

ИД.1 е дел од новото семејство малечки електрични автомобили што ги развива „носечката група марки“ на концернот Волксфаген и коешто вклучува модели од големоволуменските марки Фолксваген, Шкода и Сеат/Купра.

Првичната замисла беше Фолксваген да го развива моделот заедно со Рено, но потоа реши да настапува самостојно, наведувајќи дека може да ги држи трошоците под контрола и дека голем дел од компонентите во возилото ќе се произведуваат локално во Европа.

ИГ Метал, синдикатот што го опфаќа најголемиот дел од работниците на ВФ, се бунеше за соработката со Рено. Предводничката на синдикатот во одборот на ФВ, Даниела Кавало, го обвини менаџментот дека „му се фрла на конкурентот“, со тоа што ќе дозволи марката Дачиа да го произведува моделот на Фолксваген.

Премиерата на концептното возило ИД.2ол. Фолксваген ќе го отпочне нападот со овој модел во 2026 година.

Прво доаѓа малку поголемиот и поскап кросовер ИД.2

Првиот модел од семејството малечки електрични автомобили на ВФ е сериската изведба произлезена од концептниот автомобил ИД.2, што треба да стартува во 2026 година и ќе чини околу 25.000 евра. Во фамилијата на ИД.2 влегуваат уште идните Шкода Епик и Купра Равал. Триото ЕВ-модели ќе се произведува во Шпанија.

Фолксваген не наведе дали ИД.1, како модел за 20.000 евра, ќе ја користи истата платформа МЕБ како ИД.2. Компанијата исто така на наведе и каде ќе се произведува идниот најдостапен ЕВ. Германските медиуми објавија дека можни локации за производство се фабриката на ВФ во Сетубал, Португалија, како и некоја од фабриките на концернот во источна Европа.

Епик има исправена става на СУВ и хауба со впечатливи контури. Во маската се вградени електронски уреди, како радар за растојание и камера.

Најавувањето на концептот ИД.1 во Волфсбург беше порака од управата на Фолксваген до работниците во фабриката, дека производителот се залага за иднината на фабриката, по преговорите што се водеа со месеци околу мерките што ќе се преземат за да се скусат трошоците на концернот.

Преговорите завршија во декември, откако синдикатите го прифатија пакетот мерки за заштеда вредна 15 милијарди евра, што вклучува скусување 35.000 работни места во Германија до 2030 година и скусување на продукцијата за 700.000 возила.

Голф и Т-Крос се „идните знаменосци меѓу електричните модели“

Во соопштението од 5-ти февруари, Фолксваген објави дека фабриката во Волфсбург ќе биде главната локација за новите модели од компактната класа со електричен погон.

Следната генерација на електричниот Голф ќе се произведува во Волфсбург и ќе биде конструирана врз новата ССП платформа (Скалабл Системс Платформ), заедно со другите големоволуменски модели, вклучувајќи го електричниот Т-Рок.

Овие два „идни електрични знаменосци“ за марката Фолксваген претставуваат волумен од преку 500.000 возила годишно, објави синдикалната претставничка Кавало во истото соопштение.

Како дел од договорот со синдикатите, Фолскваген го префрлува во Мексико производството на Голф со мотори со внатрешно согориување, што во моментов се одвива во Волфсбург.

Претходна објаваПежо 604 слави два родендени во 2025 година
Следна објаваНисан бара нов партнер откако ги прекина преговорите за спојување со Хонда

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here