Рено штотуку пушти три нови модели што користат исклучиво електричен погон, а меѓу нив се наоѓа и исчекуваниот градски модел Рено 5. Французите веќе ја планираат следната генерација на своите електрични автомобили, којашто ќе користи нова платформа, што ќе ги скуси трошоците за 40 проценти. Првиот модел што ја користи истата ќе биде од компактната класа, со старт закажан за 2028 година. Тоа го потврди извршниот директор Лука де Мео.
Моделите од компактната класа врз новата платформа ќе трошат помалку од 12 киловатчасови на сто километри. Тоа е подобро и од најновиот електричен автомобил на групацијата, малечкиот Рено 5, којшто е од градската класа и според хомологацијата троши 13 киловатчасови на сто километри.
Рено наведува дека новата платформа ќе биде толку напредна што ќе опфати „две генерации во една.“
„Благодарение на нашата платформа за Ц-сегментот од следната генерација, којашто е револуционерна, ќе фатиме чекор со најдобрите кинески играчи во поглед на производот и трошоците, во европски услови,“ кажа шефот Де Мео, на настанот одржан во Дуе на 30-ти октомври, во чест на одбележување на едногодишнината од основањето на огранокот за електрични возила Ампер.
За да ја достигнат целта, инженерите на Ампер и Рено ќе се посветат на подобрувања во аеродинамичноста, фрикцијата и струењето на воздухот под возилото, како и на следната генерација електромотори, инвертори и хемија за батериите.
Постоечките електрични модели на Рено користат две платформи: АмпР Медиум (порано позната како ЦМФ-ЕВ), наменета за компактни модели, како Меган и Сеник, но и за идниот Алпин А390, и платформа АмпР Смол (порано ЦМФ-Б ЕВ), за Рено 5, Рено 4 СУВ, Алпин А290 и за идните модели, вклучувајќи го и наследникот на градскиот модел Микра.

Приспособена верзија на АмпР Смол ќе биде основа на минито Твинго, што ќе чини под 20.000 евра и доаѓа рано во 2026 година, веројатно и со верзија на Нисан.
Прв модел што ќе ја користи новата платформа веројатно ќе биде сериската верзија на концептниот автомобил Рено Амблем што беше прикажан на салонот во Париз во минатиот месец. Амблем треба да биде пример за тоа како групацијата Рено планира да го намали карбон-отпечатокот на своите возила за 90 проценти, но исто така постои веројатност тој да послужи како основа за модел што ќе влезе во сериско производство, кажа Де Мео.

„Ако ме познавате, кога нешто ќе поставам на бина, намерата ми е тоа да го истуркам до крај,“ кажа Де Мео за Амблем за концептниот автомобил со комбиниран погон на батерија и на водород.
Најновите три електрични модели, Рено 4, Рено 5 и Сеник, во својата производствена форма одвај се разликуваат од концептите со коишто тие беа најавени.
Рено во 2026 година ќе почне со ЛФП-батерии
Ампер ги насочува и своите снабдувачи на батерии и хемиските фабрики за во следните две години да ги скусат трошоците за 50 проценти. Тоа е клучно, затоа што батериите учествуваат со една третина во цената на ЕВ, додека хемијата што се користи во нив учествува со 75 проценти во цената на самата батерија.

Никел-манган-кобалт (НМЦ) батериите ќе продолжат да пристигаат од долгогодишниот снабдувач на Рено, ЛГ Енерџи Солушнс од Јужна Кореја, но ЛГ ќе ги испорачува и поевтините батерии со литиум-железо-фосфат, заедно со кинески КАТЛ.
Ампер, во меѓувреме, ќе почне да набавува НМЦ-батерии од две фабрики во Франција: АЕСЦ, јапонска компанија што гради гигафабрика веднаш покрај фабриката за автомобили во Дуе, и Веркор, стартап што од следната година ќе испорачува батерии со високи перформанси за моделите на Алпин.
Во врска со платформата од следната генерација, планирана за 2028 година, Ампер се префрлува на батерии без кобалт, со силиконска анода. Целта е да се постигне енергетска густина како батерија НМЦ, по цена на ЛФП. До 2030 година, Ампер ќе развие батерии што ќе псотигнуваат двојно повисока енергетска густина од тековните НМЦ, „по конкурентна цена.“
Со тие батерии ќе се намали зависноста од кобалтот, редок метал што достигнува астрономски цени и се експлоатира во политички нестабилни земји.
Батерии со цврст електролит е можно да се појават во модели од сериско производство дури по 2030 година, кажуваат од Ампер.
Друга иновација кај батериите, на којашто Ампер соработува со ЛГ е технологијата „сел ту пак“, со којашто се зголемува бројот на батериски ќелии на одреден простор, затоа што батериите тогаш не се составени од модули, туку имаат послободна форма. Тоа ќе значи подолг досег и пониски трошоци.
Рено склучи партнерство со Кинезите за да го скуси времето на развој
Де Мео ги зеде како пример кинеските марки, додека работеше на предизвикот да го скуси времето што е потребно за да се развие нов модел, од четири на две години. Рено 5 беше доведен до сериски модел за три години, додека Твинго ќе успее да влезе во производство за помалку од две години. Тоа би значело дека веќе во следната есен, новиот Твинго ќе биде реалност.
Во развојот на Твинго во голем дел се користени искуствата од Кина. Рено основаше заедничка компанија во Шангај, што се води како Адвансд Чајна Девелопмент Центер, каде што ќе учи и ќе соработува со кинеските партнери.
„Поставивме мост до Кина,“ вели Де Мео за овој потфат, со којшто раководи шефот за инженеринг во Ампер, Филип Бруне. „Тие ќе научат од нашите конкуренти и ќе го имитираат тоа што тие го умеат подобро. Истото и Кинезите го направија со Европејците во Кина.“
















