Зголемената побарувачка за Фолксваген Голф, Шкода Октавиа и Опел Астра му донесе раст на сегментот на компактните автомобили на европскиот пазар. Откако производителите почнаа да ставаат повеќе нагласок на СУВ-моделите, намален е бројот на класични компакти, но се покажува дека пазарот и натаму ги сака овие модели.
На европскиот пазар во првите девет месеци од 2024 се продадени 1,16 милион автомобили од компактната класа, за 2,5 проценти повеќе од лани. Тоа е над растот од 1 проценти на целиот европски автомобилчски пазар, покажуваат податоците на аналитичарите од Датафорс.
Водач на сегментот е Фолксваген Голф, којшто привлече значително зголемен број купувачи, откако Волфсбург излезе со освеженото моделско годиште, што почна да се произведува во април. Продажбата на Голф, модел што годинава навршува половина век на пазарот, порасна за 20 проценти, на 165.370 возила. Тоа му донесе на германскиот класик второ место во вкупната продажба на автомобили на европскиот пазар до септември, веднаш зад Дачиа Сандеро.
Концернот Фолксваген, со своите компактни модели Голф, Октавиа и Сеат/Купра Леон, најсилен играч е во сегментот, со продажба од близу половина милион возила. Конкурентот Стелантис, каде што спаѓаат Фиат, Пежо и Ситроен, се наоѓа на 2-то место, со 191.050 компакти, додека трети се Киа и Хјундаи, со 183.699 возила.
Големата побарувачка за комби изведбата на Шкода Октавиа помогна за чешкиот модел да се искачи на второто место, со раст во продажбата од 14 проценти. Три од секои четири продадени Октавии во првите девет месеци биле во комби изведбата, според Датафорс.
Во целина, четири од секои 10 продадени автомобили во сегментот, до септември, биле комби изведби, со продажба зголемена за 16 проценти. Не се бара само Октавиа, туку е висока побарувачката и за комби изведбите на Тојота Корола, Голф и Астра.

Комбито Туринг Спортс учествува со 60 проценти во продажбата на Корола, којашто е трет најпродаван модел во сегментот. Четвртото место ќе им припаднеше на Сеат Леон и Купра Леон, доколку нивната продажба се собере, меѓутоа двете марки се водат посебно, така што 4-то место му припадна на Пежо 308.
Форд Фокус назадуваше за 16 проценти, пред најавениот завршеток на производството на моделот, што треба да се случи в година во ноември. Форд соопшти дека моделот што се произведува во Зарлуи, Германија, нема да биде заменет, затоа што купувачите се префрлиле на трите компактни СУВ-модели и на малечката Пума.
Нисан годинава престана со производство на целосно електричниот Лиф, пред да дојде наследникот во вид на СУВ, што ќе го задржи името и се очекува во 2026 година.
Рено исто така заврши со производство на двете каросериски изведби на Меган со обичен погон, чијашто продажба до септември е преполовена на 12.506 возила. Целосно електричниот Меган Е-Тек остана како единствен класичен компакт во понудата на Рено.
Видеото од тестот на електричниот Рено Меган
Уште еден компактен модел што си заминува е Киа Просид, којшто е стилска изведба на комби изведбата на Сид. Киа годинава ќе го заврши производството на Просид, кажуваат извори што се запознаени со плановите на корејскиот производител.
Во првите три квартали, Киа продаде 10.695 примероци од Просид, што е зад сјајните резултати на Сид во комбилимузинска и комби изведба, како и на кросоверот Ексид. Ниро е најпродаваниот компактен модел на Киа, на 7-то место.
Фиат во меѓувреме се соочи со пад во продажбата на Типо од 41 проценти, со продадени 9.337 возила. Типо престанува со производство кон завршетокот на следната година. Моделот се произведува во заедничката фабрика на Стелантис и Тофаш во Турција.
Продажбата на целосно електрични автомобили во сегментот опадна за 15 проценти. Со тоа, уделот на БЕВ возила во сегментот се сведе на 17 проценти, по дизелите.
Целата водечка петорка од БЕВ-модели во сегментот забележи пад, од 15 проценти за МГ4, до 19 проценти за Фолксваген ИД.3.
Голем напредок постигнаа новата електрична изведба на Пежо 308, со продадени 4.570 примероци, наспроти само 400 возила продадени во истиот период лани. Слично напредува и Опел Астра ЕВ, со раст од 181 проценти и продадени 3.964 возила, како модел што ја користи истата техника со Пежо 308.
Најбаран вид на погон се бензинците, коишто заедно со хибридите учествуваат со 48 проценти во продажбата. Предводени од Тојота Корола, хибридите напредуваа за 18 проценти и достигнаа удел од 11 проценти. На приклучните хибриди отпаѓаат 5 проценти од продажбата во сегментот, со Пежо 308 на првото место.
По земји, Германија е прв пазар за компактни модели, со продадени 312.361 возила, што е една четвртина од вкупната продажба на овој сегмент во Европа. Тоа е двојно повеќе отколку во ОК, на второто место со 154.374 продадени компакти.
Германската продажбна ја предводи Голф, по него се Октавиа и Астра.
Франција е трет најголем пазар за компакти во Европа, со продадени 130.016 возила, а водечката петорка за заокружуваат Шпанија и Полска.
















