
Рено потврди дека води преговори со Фолксваген, за партнерство во мини автомобил со батериски електричен погон за Европа.
Рено е во „напредни преговори“ со Фолксваген за мал ЕВ, изјави извршниот директор на француската компанија Лука де Мео, на салонот во Женева.
Де Мео исто така напомена дека разговара и со други партнери што се заинтересирани за соработка, без да ги именува. „Отворен сум за сите што сакаат да се вклучат. Имам капацитет за производство. Ја имам платформата. Знам како да го направам тоа,“ кажа директорот.
Европските производители се во трка да понудат ЕВ по споредлива цена со моделите со мотор со внатрешно согорување. Борбата е да се спречи губење на пазарот од кинеските автомобилски компании, што ја имаат Европа како цел за своите евтини електрични автомобили.
Рено во ноември најави дека најрано во 2026 година ќе го пушти во продажба минито со електричен погон Твинго, со цена под 20.000 евра.
Во тоа време, Рено напомена дека е во преговори со неколку производители на автомобили, како можни партнери за Твинго, меѓутоа не беа именувани тие производители и не се спомнуваа датуми.
На салонот во Женева, во понеделникот, де Мео кажа дека Рено и Фолксваген се во „рани преговори“ за можно заедничко користење на платформата на Твинго.
Новиот електричен Твинго ќе биде конструиран врз скусена изведба на платформата АмпР Смол, што ја користи новиот Рено 5, што Французите го претставија на салонот во Женева.
За трошоците да се скусат, можно е за Твинго да се користат поевтините батерии со литиум железо фосфат (ЛФП), наведе како пример директорот де Мео.
Рено ќе продолжи да работи на проектот, без разлика дали ќе има партнер или не. „Немам време за губење, и затоа нема да одложувам,“ кажа де Мео.
Фолксваген заостанува во трката да понуди достапни малечки автомобили со електричен погон, по споредлива цена со моделите со мотор со внатрешно согорување, во борбата против кинеските автомобилски компании.
Стелантис штотуку почна со продажба на сопствениот ЕВ-модел со цена под 25.000 евра, Ситроен е-Ц3. Изведбата со скусен досег ќе се понуди по уште подостапна цена, под 20.000 евра.

Соработката со Рено ќе му овозможи на Фолксваген да лансира наследници за минито е-Ап и за сестринските модели Шкода Ситиго и Сеат Ми.
Наследникот на Фолксваген Ап веројатно ќе се понуди под ознаката ИД.1 и ќе биде позициониран под идниот градски модел ИД.2, што беше најавен преку концептниот автомобил ИД.2ол.
Извршниот директор на Фолксваген, Томас Шефер, кажа дека е отворен за партнерство, кое што ќе овозможи цената на идниот малечок ЕВ да биде под 20.000 евра.
Европската автомобилска индустрија има долга историја на соработки во делот на мини-автомобилите, коишто се поголем предизвик да се произведуваат со заработка, поради тоа што цената им е ниска.
Де Мео ги наведе како примери соработката на Тојота со Пежо и Ситроен, во производството на Ајго/Пежо 108/Ситроен Ц1, како и соработката на Форд со Фиат, за производството на втората генерација на Ка, врз платформа од Фиат 500.
Шефот на Рено има искуство со мини автомобилите. Тој е заслужен за успехот на модерната верзија на Фиат 500 со ретро стил, од времето кога ја предводеше италијанската марка. Пред да стане извршен директор на Рено, де Мео беше шеф на марката Сеат, дел од концернот Фолксваген.
Строгите ограничувања за емисијата на ЦО2 и високите стандарди за безбедност натераа голем број производители да го напуштат сегментот на малечките автомобили.
„Никој не може да произведува малечки авотмобили профитабилно“, кажа де Мео во Женева.
Скусување на трошпоците за 40 проценти
Преоѓањето на електричен погон сепак им дава шанса на производителите да се вратат во сегментите на малечките автомобили, доколку се стават под контрола трошоците, смета де Мео.
Рено има намера трошоците за новиот електричен Твинго да ги скуси до 40 проценти во споредба со текопвната генерација електрични автомобили. За тоа да се постигне, ќе се смали бројот на делови, ќе се скуси производсвото, ќе се забрза пуштањето во продажба и ќе се премине на поевтина хемија за батериите.
Де Мео кажа дека скусувањето на тропшоците што ќе се постигне кај Твинго ќе може да се искористи и кај неодамна лансираниот Рено 5 и идниот малечок СУВ-модел Рено 4, во текот на нивниот производствен век.
„Сé што ќе направиме кај Твинго, ќе се примени кај 5 и 4, за нивната цена да оди надолу“, заклучува менаџерот.















