
Досега се нема случено, менаџментот на Фолксваген толку долго да преговара со претставниците на работничкиот синдикат, но се нема случено и да се расправа за толку тешки предизвици.
Откако ќе се реализираат сите мерки што беа договорени за претстојните години, Фолксваген ќе биде значително помал производител на автомобили, меѓутоа ќе постигнува и многу поголем профит. Такви се плановите.
Во десетте фабрики за возила и компоненти на Фолксваген во Германија, работат околу 120.000 работници со колективен договор. Од овие фабрики главно се снабдуваат европските пазари.
Откако се случија пандемијата, инфлацијата и Украина, светот се соочува со нова реалност. Во споредба со 2019 година, последната година пред ковид, денес концернот Фолксваген годишно произведува два милиони возила помалку.
Договорот на управата со синдикатот во основа се сведува на скусување на 35.000 работни места до 2030 година, при што ќе се внимава на социјалната прифатливост, како и на скусување на продукцијата за преку 700.000 возила. Фабрики нема да се затвораат, меѓутоа ќе се случат промени.
Волфсбург

Тоа што изгледаше незамисливо: Голф од 2027 година ќе се произведува во Мексико. Во матичната фабрика останува производството на СУВ-моделите Тигуан, Тајрон, додека од Цвикау се преселуваат електричните модели ИД.3 и Купра Борн.
Фабриката воедно се преструктурира, и како што соопштува ИГ Метал „ќе добие повеќе знаменосци со платформата ССП покрај ИД.Голф.“ ССП е кусо од Скалабл Системс Платформ и претставува платформа врз којашто ќе се конструираат идните електрични модели. Се смалува и работата во одделот за технички развој. Во Волфсбург ќе се скусат 4.000 работни места.
Брауншвајг
Фабриката за компоненти ќе изработува важни делови за платформата ССП, меѓу другото помошни носечки рамки, управување и претходно составени конструкциски групи, како на пр. батериски системи.
Хемниц
Засега нема промени во фабриката за компоненти. Таму во моментов се изработуваат мотори. Фабриката во Хемниц сепак има неизвесна иднина. ИГ Метал соопшти: „Се работи на долгорочен концепт за 2035.“
Дрезден

Од завршетокот на 2025 година таму повеќе нема да се произведуваат возила и тоа фактички е крај за најмалата фабрика за производство на Фолксваген. Продукцијата во т.н. стаклена мануфактура, што се наоѓа во центарот на градот, и досега се оддиваше само во симболичен обем. Од електричниот ИД.3 таму се врши завршна монтажа на 6.000 возила годишно. По 2026 година, таму ќе се примени „алтернативен целосен концепт“. Управата единствено ветува дека на локацијата ќе се вршат активности на самиот концерн.
Емден

Во оваа фабрика продолжува производството на електричните модели од средната класа ИД.7 и ИД.7 Турер. Во 2026 година ќе им се придружи освежениот електирчен СУВ ИД.4. Тоа значи дека во фабриката ќе се работи во две смени.
Хановер

На оваа локација продолжува производството на моделите ИД.Баз и Т7 Мултиван, како модели на Фолксваген Доставни Возила.
Касел

Како сите останати фабрики, така и најголемата фабрика за компоненти на компанијата ќе продолжи да работи. Таму во иднина ќе се произведува и електричен погон, покрај останатите компоненти.
Управата настапи со големи ветувања за сите свои фабрики што испорачуваат компоненти, односно за Залцгитер, Хемниц, Брауншвајг, Волфсбург и Хановер.
Се нагласува дека Фолксваген Груп Компонентс ќе добие „одржливо зголемување на ефикасноста.“ Изработката на компоненти ќе учествува со една третина во годишното скусување на работните трошоци, односно со околу 500 милиони евра.
Оснабрик

Покрај Дрезден, втора фабрика што најчесто се спомнува како кандидат за затворање е Оснабрик. Постигнат е компромис, којшто се состои во тоа, Т-Рок Кабриолет да продолжи да се произведува до завршетокот на летото 2027, подолго отколку што се планираше првично. За натаму е неизвесно.
Цвикау

Тука во иднина ќе се произведува само електричниот Ауди Ку4 Е-трон. Оваа фабрика ќе биде „во резерва“, односно доколку фабриката во Волфсбург целосно ги оптовари своите капацитети, тогаш ќе прискокне Цвикау. Оваа производствена локација во Саксонија постепено го губи значењето. Нема конкретни планови за фабриката, единствено се спомнува дека тука ќе се работи на рециклирање.















