Фон дер Лајен од јануари ќе наоѓа спас за автомобилската индустрија

Урсула фон дер Лајен ќе се погрижи, во Европа повторно да расте продажбата на возила.

Европската автомобилска индустрија е изложена на сé посилен притисок од Кина и од САД. Следната неволја се заканува со стапувањето на Доналд Трамп на претседателската функција во САД на 20-ти јануари и со воведувањето казнени царини.

Шефицата на комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен (ЦДУ), има намера стратешкиот дијалог за иднината на автомобилската индустрија во Европа, што таа го најави, да го отпочне официјално веќе во јануари. „Мораме да се осигураме дека иднината на автомобилите ќе остане цврсто вкоренета во Европа“, изјави фон дер Лајен, којашто потекнува од Долна Саксонија, домот на Фолксваген.

Германскиот сојузен канцелар Олаф Шолц (СПД), кој се бори за да освои бодови на политичката сцена, пред изборите за Бундестагот, побара помош за Европа заеднички да ја ублажи кризата во браншата.

На самитот на ЕУ во четвртокот во Брисел, Шолц нагласи дека би било мошне корисно ако „заеднички го поттикнеме производството на електрични автомобили во Европа.“ Тој уште во минатата седмица повика на сеевропска помош за купување електрични автомобили, за време на неговата посета на Форд во Келн.

Прашањето околу финансирањето

Десетици илјади работни места се загрозени во германската автомобилска индустрија, првенствено во концернот Фолксваген. Но, и сите европски производители, како Стелантис или Рено, исто така се соочуваат со недоволно искористени фабрики и со жестока конкуренција од Кина.

Уште е отворено прашањето како би се финансирала помошта за купување електрични автомобили што ќе важи во цела ЕУ. Како најголем плаќач во ЕУ, Германија ќе треба да преземе најголем дел од оваа помош за купување.

Веројатноста дека тоа ќе се случи е мала, имајќи го предвид строгиот курс за штедење во Берлин и општата недоверба околу заедничките финансирања во ЕУ. Владата на Шолц нагло го укина т.н. умвелтбонус, бонус за заштита на животната средина, кон завршетокот на декември 2023 година. Оттогаш продажбата мирува. Мали се изгледите дека нешто ќе се смени в година.

Заедничка стратегија на ЕУ

Во стратешкиот дијалог на фон дер Лајен, освен за построгите барања за заштита на климата, ќе се зборува отворено за да се зголеми побарувачката и да се обезбедат подобри финансиски ресурси за браншата.

Според Комисијата на ЕУ, средбата ќе резултира со низа препораки. Тие треба да придонесат да се постигне заедничка стратегија на ЕУ за секторот и да се совладаат разните предизвици. По потреба ќе се менува и важечката правна рамка на ЕУ.

Поканети се производителите, синдикатите, здруженијата. Првата средба ќе се одржи под водство на фон дер Лајен, а на понатамошните рунди ќе учествуваат комесарите на ЕУ. Тоа првенствено се однесува на Вопке Хоекстра (клима) и Апостолос Цицикостас (сообраќај).

Претходна објаваКако се распределува производството во 10-те фабрики на Фолксваген во Германија
Следна објаваРуди работи за Џагјуар Ланд Ровер и затвора врати 84.000 пати

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here