Хјундаи се здружува со Џенерал Моторс, поттикнато од новата политика на Трамп

Хјундаи укажува и на политичките ризици во САД, откако Доналд Трамп стапи на претседателска функција, со најава дека ќе воведе високи царини за увоз. Корејците сепак сметаат дека новата политика на Трамп ќе има посилно негативно влијание врз јапонските соперници на пазарот во САД, отколку врз нив.

Производителот на автомобили што лани потпиша привремена спогодба за здружување со Џенерал Моторс, исто така соопшти дека има намера уште во првото тромесечје од годинава да склучи обврзувачки договори за соработка во набавката на делови, како и за соработка за патнички и доставни возила.

„Размислуваме да ги замениме ознаките на нашите доставни електрични возила и истите да им ги испорачуваме на Џенерал Моторс. Со овој договор ќе се отвори патот за нашиот влез на пазарот на доставни возила во Северна Америка,“ изјави директорот за финансии на Хјундаи, Ли Сеунг Јо, при објавувањето на деловните резултати на 23-ти јануари.

Преговорите отпочнуваат во време кога производителите на автомобили се соочуваат со политичка неизвесност во САД, втор најголем автомобилски пазар во светот по Кина, којашто може да влијае негативно врз побарувачката.

Трамп неделава најави можност за воведување увозни царини за стока од Канада и Мексико, почнувајќи од 1-ви февруари.

Неизвесноста на домашниот пазар, како и во САД и Европа, ги притиска прогнозите

Во меѓувреме, политичката несигурност ја разниша самодовербата пред домашниот праг на Хјундаи во Сеул.

„За годинава очекуваме поголема неизвесност за бизнисот од кога било досега, поради потенцијалните политички промени, не само на домашниот пазар, туку и во САД, а ќе има и построги норми за емисијата во Европа,“ кажа Ли.

Хјундаи очекува дека царините во САД ќе имаат послабо негативно влијание врз нив, отколку врз јапонските соперници, главно Тојота и Хонда, коишто имаат повеќе фабрики во Мексико и Канада.

Јужнокорејскиот производител соопшти дека планира да продолжи со зголемување на локалната продукција во САД, за да се избегне негативното влијание од царините. Тие најавија и производство на хибридни возила во новата фабрика во Џорџија.

Хјундаи, во сојуз со Киа, е трет најголем производител на автомобили во светот. За 2025 година се предвидува прометот да се зголеми за 3 до 4 проценти, наспроти 7,7 проценти во минатата година. За оперативната маржа се очекува вредност меѓу 7 и 8 проценти, наспроти 8,1 проценти лани.

Во прогнозите за новата деловна година, Хјундаи посочи на неизвесноста што се поврзува со забавувањето на продажбата на големите пазари, со слабеењето на побарувачката за електрични возила и со макроекономската нестабилност, како последица од најавите на Трамп за укинување на субвенциите за купување електрични автомобили.

Девалвацијата на корејскиот вон што почна рано во декември, откако сега веќе сменетиот претседател прогласи воена состојба, од една страна ќе ја зголеми добивката, меѓутоа ќе го поскапи постапувањето за покривање на гаранциите за возилата, што на крај ќе ја погоди маржата, кажуваат од Хјундаи.

Во последното тромесечје лани, глобалната продажба на Хјундаи забележа пад, поради тоа што солидните резултати во САД и Индија, беа поништени со забавената побарувачка во Јужна Кореја, Европа и Кина.

Хјундаи в година ќе почне со роботско такси

Производителот соопшти дека се размислува, електричниот Јоник 5 да ѝ се испорачува на Вајмо, компанија за развој на роботско такси во САД.

Хјундаи развива технологија за самостојно возење во рамките на својата единица Моушнал и најавува можност за роботското такси да се пушти во примена веќе в година.

Компанијата соопшти дека размислува да го преземе одделението за хуманоидни роботи Бостон Дајнемикс, но тоа нема да се случи во блиско време.

Претходна објаваТојота ја заврши минатата година со рекордна продажба во Европа
Следна објаваПионерски проект во Италија: Возилото само доаѓа до нарачателот, тој презема понатаму

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here