Пионерски проект во Италија: Возилото само доаѓа до нарачателот, тој презема понатаму

Намерата на Политехничкиот Универзитет во Милано е да развие нов вид на услуга на кар-шеринг, односно користење на возило по потреба, со таа иновација што корисникот што сака да го користи возилото на кусо, не мора да бара каде е најблиското слободно возило, туку тоа доаѓа до местото каде што тој се наоѓа. Секако дека во проектот се користи електрично возило, нормално Фиат 500 ЕВ.

Со проектот на миланскиот Политекнико, на компаниите што работат во подрачјето на кар-шерингот, односно нудат услуга да се користи возило од неколку минути до неколку часови, според потреба, им се овозможува да бидат делотворни со помал возен парк, односно со помалку возила.

Новината е во тоа што, електричниот Фиат 500, што се користи во проектот, користи технологија за самостојно управување. Тоа значи, дека наспроти досегашната практика, преку мобилна апликација да се најде каде е најблиското слободно возило за кар-шеринг и да се отиде до возилото, сега возилото доаѓа само до местото коешто ќе му го посочи нарачателот.

Симбиоза меѓу чист електричен погон, услуга на кар-шеринг и самостојно возење

Според најновите истражувања, автомобилите во просек се користат 70 минути во текот на денот. Од тоа време, 95 проценти минуваат во стоење. Просечната километража во Европа е 10.000 километри годишно. Во блиска иднина, процентот на популацијата на Италија што живее во големите градови ќе се зголеми од сегашните 70 на 80 проценти.

Раководејќи се според овие сознанија, компанијата А2А се впушти во предизвикот да развие мобилност за иднината. Иницијативата е дел од програмата АИДА Урбан Опера – Артифишл Интелиџенс Драјвинг Аутономус – што е развиена од Политехничкиот универзитет во Милано и спонзорирана е во рамките на националната програма за одржлива мобилност.

Намерата е во следните две до три години да се развие посебен вид на кар-шеринг што е приспособен за Европа, со користење електрични возила со технологија за самостојно возење. Основата е да се користат помали возни паркови, со возила што ќе бидат стратешки поставени на неколку одбрани места во градовите.

Веќе е направен првиот тест во вистински услови на градски сообраќај. На 22-ри јануари, електричен Фиат 500 го помина својот прв километар во целосно самостојно возење, од седиштето на А2А во Бреша, до топланата што користи отпад како гориво. Проектот е финансиран од Министерството за инфрастуктура и сообраќај, заедно со градот Бреша. До ноември годинава, секој месец ќе се извршува по едно или две тестирања.

Ова е првпат во Италија, и воопшто во Европа, автономно возило да се пушти да управува самостојно во услови на вистински сообраќај. При секое тестирање, во возилото има лице што е подготвено да го преземе управувањето, додека возилото се контролира далечински од централата на А2А. Фиат 500 дополнително е следен од безбедносно возило, што на сообраќајот му укажува дека возилото управува самостојно. Возилото ќе се движи со најмногу 30 км/ч во оваа фаза од тестирањето.

Технологијата на самостојно возење исто така овозможува возилото само да се упати до станицата за полнење, кога ќе се подиспразни батеријата. Уште една новина е тоа што полнењето се врши по пат на индукција, значи без кабел.

Целиот проект се заснова врз техниката за самостојно возење што е развиена од миланскиот Политекнико. Очекувањата се дека по успешното завршување на тестирањето, во 2026 година ќе може да се пушти во употреба возен парк од најмалку 30 возила. Постои веројатност дека новата услуга ќе биде понудена за време на Зимските Олимписки Игри што в година се одржуваат во Милано.

Претходна објаваХјундаи се здружува со Џенерал Моторс, поттикнато од новата политика на Трамп
Следна објаваТесла ја доби декемвриската битка, но Дачиа Сандеро е шампионот за 2024

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here