Опел ќе се вмеша многу посилно во двата најголеми сегменти на европскиот пазар, во Б- и Ц-СУВ сегментот, по генерациската смена на Кросленд со Фронтера, и исто така сосем новиот Грандленд.
Опел ги цени своите три СУВ модели како стилски и најсовремени, што заедно ги погодуваат сите вкусови. Паралелно со воведувањето на сосем новите генерации на Фронтера и Грандленд, Опел изврши и моделско освежување на своето СУВ-купе Мока. Според Риселсхајм, трите модели го сочинуваат најмладото СУВ-трио на пазарот.
Мока го задржува местото на стилски модел во целата гама, и секако не е случајност тоа што многумина познавачи на марката, во неа ги препознаваат формите на некогашното купе Манта. Фронтера доаѓа на местото на Кросленд, со достапна цена, благодарение на новата платформа што се користи масовно во целиот концерн Стелантис, а посебна одлика на моделот со познатото име во историјата на Опел, е тоа што Фронтера е достапна и во изведба со седум седишта.
По заминувањето на Инсигниа од понудата, Грандленд во новата генерација се поставува како нов знаменосец, што во своите врвни изведби ќе привлекува купувачи со поголеми барања.
За целата гама е својствено тоа што електрификацијата е присутна во сите форми. Кросленд, Мока и Грандленд се достапни во изведба со 48-волтен благ хибриден погон, но исто така и во целосно електрична изведба. Кај Грандленд, дополнително стои на располагање и изведба со приклучен хибриден погон.

Сосем новата генерација на Опел Грандленд донесува иновации како 3Д-визор, заедно со осветленото лого на Опел, но и со осветлен натпис Опел назад. На тоа се надоврзуваат интелилукс светла со приспособливо автоматско светло и практична преграда за безжично полнење телефон.
Носителот на Златен Волан за 2024 година во категоријата на автомобили до 50.000 евра, воедно е прв модел на Опел што е конструиран врз новата платформа СТЛА Медиум на Стелантис и ја дели истата со Пежо 3008/5008. Меѓу посебностите на платформата е верзијата со електричен погон, што ги поместува границите на електромобилноста. Електромоторот во двете моделски изведби располага со 157 кВ (213 КС) и постигнува спринт до темпо сто за 9 секунди.
Изведбата со батерија од 73 кВч нуди досег до 523 километри, додека изведбата со 82 кВч во Грандленд Електрик ГС вози 582 километри до следното полнење. Наскоро следи и трета изведба, со батерија од 97 кВч, што ќе постигнува досег од 700 километри, шампиионска вредност за СУВ во целата бранша.
При достапност на брз почнач со еднонасочна струја, Грандленд може да полни со моќност до 160 кВ. Во тој случај, наполнетост од 80 проценти ќе се постигне за помалку од 30 минути.
Кај Опел Мока Електрик, сé е за еден број помало, но и подостапно, а секако и посимпатично. Со 156 КС и батерија од 54 кВч, ова СУВ-купе постигнува досег до 403 километри. Со масивниот вртежен момент од 260 њутнметри, електричната Мока повлекува како во неа да работи дволитарски турбо-бензинец. За возните својства придонесува и тоа што батеријата е ниско долу во подот и го спушта тежиштето.

Најпродаваниот СУВ на Опел во 2024, и трет по Корса и Астра, Мока во новото моделско годиште доаѓа со осовременет инфо-забавен систем. Дигиталните инструменти пораснаа на 10 инчи, во средината е дисплејот со иста големина, за ракување со инфо-забавата. Доколку е нарачана со навигација, картите се освежуваат од податочен облак. Со користење на Чет ГПТ, навигацијата ги учи навиките на возачот и соодветно предлага одредишта за возење.
Фронтера двои со свежиот изглед, но сака да убеди и со практичноста во кабината. Иако е основниот модел во СУВ-понудата, со 7-те седишта како опција тој ќе има функција и на семеен транспортер за сите потреби, што не вклучува секогаш зафаќање на сите седишта, туку и слобода при комбинирањето на просторот за седење и за превоз на предмети, било да е тоа мебел или спортска опрема.

Секако дека и Фронтера е достапна во електрична изведба, што пак се разликува. Тука работи електромотор со 83 кВ (113 КС), што со батеријата од 44 кВч ќе вози 305 километри. Тоа е уште една нова платформа во Опел, Смарт Кар – платформата, веќе присутна во Стелантис кај новиот Ситроен Ц3. Во гамата наскоро ќе се приклучи и изведба со поголема батерија и 400 км досег.
Единството во СУВ-триото важи и за благиот хибриден погон
Сите СУВ-модели на Опел се достапни и како 48-волтни благи хибриди. Тоа е истиот погон како во Корса што неодамна беше на тест во Аутомедиа, каде што се покажа дека благиот хибриден погон прави повеќе задоволство во зголемената динамика, без тоа да ја качува потрошувачката. Колку може да се експериментира, говори и делот во видеото, каде што се гледа дека патот од Говрлево до Кисела Вода беше поминат со просек под 4 литри.
Погонската спрега тука се состои од 1,2-литарски турбо-бензинец со 136 КС (кај Фронтера е достапен и со 100 КС), потоа од електромотор од 21 кВ (28 КС), што е вграден во 6-степениот менувач со двојна спојка, и малечка, но затоа и евтина батерија.
Врвот во погонот, барем што се однесува до слободата да се вози по желба и потреба на бензин или на струја, пак го нуди Грандленд. Топ-СУВ моделот се нуди и со приклучен хибриден погон, со 1,6-литарски турбо-бензинец со 150 КС, со електромотор што помага за системски 195 КС, и досег за возење до 87 километри чисто на струја. Одговараат и перформансите: Спринт 7,8 секунди, највисока брзина 220 км/ч.
















