
Тојота ги престигна БМВ и Рено, Шкода го претрка Мерцедес-Бенц, додека кинески МГ продаде повеќе возила од неколку марки на Стелантис, иако продажбата во декември му беше намалена. Во декември, ист број марки беа во плус и во минус.
Меѓу највпечатливите успеси од декемвриската продажба се издвојува растот од 23 проценти на Тојота, со продадени 78.076 возила. Овој раст ѝ го донесе на Тојота второто место, веднаш зад Фолскваген. Истиот месец преклани, јапонската марка го заврши на 4-то место.
Рено го задржа третото место, зголемувајќи ја продажбата за 9,8 проценти, на 71.312 возила, додека БМВ имаше пад од 7,2 проценти и продадени 66.488 возила. Со тоа, баварската марка ја заврши годината на 4-то место, наспроти вицешампионското место во декември преклани. Податоците на Датафорс се нецелосни и опфаќаат добиени податоци од 98 од пазарите во ЕУ, Обединетото Кралство и ЕФТА (Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн).
На Тојота посебно ѝ помогна силната продажба на двата градски модели со хибриден погон, на Јарис и на Јарис Крос.
Продажбата на Јарис порасна за 24 проценти, на 15.319 возила, додека неговата СУВ-изведба Јарис Крос напредуваше за 15 проценти и постигна 14.600 продажби. Повеќето од продадените примероци од Јарис и Јарис Крос во Европа се во изведба со хибриден погон.

Кај Шкода, продажбата во декември достигна 62.060 возила, за 20 проценти повеќе од преклани. Тоа на чешката марка ѝ го донесе 5-то место, додека истиот месец во 2023 го заврши на 7-то место.
За да го освои тоа место, Шкода мораше да ги престигне Мерцедес-Бенц, чијашто декемвриска продажба порасна за 2,5 проценти, со 60.982 возила, исто како и премиум марката Ауди од својот концерн, што во последниот месец лани продаде 49.420 возила или за 12 проценти помалку од истиот месец во 2023 година.
На Шкода ѝ помогна растот од 58 проценти во продажбата на градскиот модел Фабиа, со 9.451 возила во декември. Уште еден модел со голем раст е Кодиак, СУВ од средната класа, со 42 проценти во плус и продадени 8.689 возила.
Кинеските марки во Европа продадоа близу 50.000 возила во декември
Кинеските производители ја завршија годината со раст од 18 проценти и продадени 48.829 возила. Во групата спаѓаат кинеските марки МГ и БИД, но и Смарт, Полстар и Зикр. Тоа се марки на коишто главнината од производството им се одвива во Кина, односно марки што во целост или делумно се во сопственост на кинески компании.
Иако продажбата на МГ опадна за 1,9 проценти, на 26.843 возила, марката во сосптвеност на САИЦ пак продаде повеќе од сите марки на Стелантис, со исклучок на Пежо.
Пежо беше најсветлата страна на Стелантис. Французите продадоа 44.102 возила или за 16 проценти повеќе од истиот месец преклани, што им го донесе 9-то место, две места повисоко отколку во 2023.
Кинескиот производител БИД ги престигна марките Алфа Ромео и ДС на Стелантис, зголемувајќи ја продажбата за преку 200 проценти, со 7.988 возила.
Во декември, 39 производители ја зголемија продажбата за повеќе проценти од просекот на целата бранша, којшто изнесуваше 3,1 проценти.
Меѓу најголемите добитници се Порше (41 проценти), Лексус (36 проценти) и Ланд Ровер (26 проценти).
Кај други 39 производители, продажбата беше во минус. Меѓу нив се Џагјуар (-55 проценти), Фиат (-45 проценти, главно поради смалената продажба на електричниот 500, по укинувањето на субвенциите во Германија) и Опел, со 14 проценти во минус, поради генерациска смена кај неколку свои големи модели.















