Германскиот производител на домашниот пазар веќе се соочува со високи трошоци и со кинеска конкуренција што продава поевтино. Заканата на Трамп дека би се вовеле царини во висина од 25 проценти за увоз од Мексико, го зголемува притисокот врз концернот.
Иако уште не е донесена конечна одлука, Трамп вели дека царините би можело да стапат на сила веќе на 1-ви февруари.
„Групацијата Фолксваген е загрижена поради штетното економско влијание што предложените царини на властите во САД ќе го имаат врз американските потрошувачи и врз светската автомобилска индустрија,“ пишува во одговорот од Фолксваген до новинската агенција Ројтерс.
„Цениме соработка и отворен дијалог. Групацијата Фолксваген се надева на продолжување на долготрајната и конструктивна соработка со властите во САД,“ додава претставник на компанијата.
Фабриката на Фолксваген во Пуебла е најголема фабрика за автомобили во Мексико и меѓу најголемите е во концернот. Во 2023 година, таму беа произведени 350.000 возила, вклучувајќи ги Џета, Тигуан и Таос, што се извезуваат во САД.
Аналитичарите на Стифел проценија дека околу 65 проценти од автомобилите што Фолксваген ги продава во САД повеќе нема да бидат конкурентни, доколку се воведат царини за увоз од Мексико.

Со намера да ја прикаже својата посветеност во инфрастуктурата во САД, Фолксваген наведе дека во земјата вложува повеќе од 10 милијарди долари, од коишто околу половината се наменети за фабриката во Чатануга, а половина за заедничката компанија со Ривиан.
Две лица што се упатени во случувањата, кажуваат дека Фолксваген стапил во контакт со владата на Трамп, за да разговараат околу царините.
БМВ исто така се соочува со неизвесност околу царините во САД
Во минатата недела, Оливер Ципсе, извршен директор на БМВ, пристигна во Јужна Каролина, каде што компанијата има фабрика, за да му биде врачено признание за придонесот за економијата од страна на гувернерот на сојузната држава, кој доаѓа од редовите на републиканците.
„БМВ во САД произведува повеќе возила, отколку што ние продаваме во САД, и извезува повеќе возила од САД, отколку што ние увезуваме во САД“, сооопштија од БМВ, додавајќи дека во 2023 година во земјата продале преку 396.000 возила.
Од концернот Стелантис коментираат дека се добро поставени во поглед на прифаќањето на промените во политиката што ги најави Трамп.
Матичниот конерн на марките Крајслер и Џип, којшто дел од автомобилите за пазарот во САД ги произведува во фабриките во Мексико и Канада, цени дека политиката на Трамп во насока на поддршка на производството во САД е „мошне позитивна“.
















