Добар избор на доставно возило е тој модел што ќе може најдобро да се приспособи според потребите на претпријатието што го користи, било да е тоа само едно возило или цел возен парк од илјадници возила. Тоа во најголема можна мера го почитува единствената премиум марка што произведува и товарни возила, Мерцедес-Бенц. Уште една варијанта на Ситан, долга близу пет метри.
Вкупно 56 варијанти на Ситан набројува конфигураторот на Мерцедес-Бенц Ванс. Основата ја сочинуваат четири избори: Ситан База и Ситан Про – со повеќе детали во опремата, што воедно се достапни и во изведба еСитан, со целосно електричен погон.
Во вториот чекор се избира меѓу три каросериски изведби: Фургон, Миксто – за превоз на патници и товар, и Турер, пристојна семејна изведба од Ситан. Разновидноста понатаму се шири на три дизели (75, 95 и 116 КС), два бензинци (102 и 131 КС), и електромотор со 90 кВ, односно 122 КС. Во посилните изведби може да се избере и автоматик.
Нова варијанта во големото моделско семејство на Ситан (асоцира на Сити, град) е изведбата што е продолжена 42 сантиметри во споредба со изведбата со стандардна должина. Оваа дополнителна должина се сведува главно на меѓуоскиното растојание. Новата изведба со продолжено меѓуоскино растојание мери точно 3,1 метри меѓу оските, што е за 38,4 сантиметри повеќе од стандардниот модел. Вкупната должина на Ситан Ланг е 4,92 метри, речиси колку Е-класа.
Должината на товарниот простор се зголемува на 2,17 метри, наспроти 1,81 метар (+36 сантиметри) кај изведбата со нормална должина. Соодветно се зголемува и зафатнината на товарниот простор, од 2,9 метри кубни, на 3,62 метри кубни (+720 литри). Поголемиот простор што стои на располагање може да се користи уште поразновидно, затоа што и страничната лизгачка врата е за 21,3 сантиметри поширока (82,8 сантиметри наспроти 61,5 сантиметри).
Трета моделска изведба на Мерцедес Ситан што има премиера во Мак Аутостар во последните 12 месеци, по Т-Класа и Ситан Турер
Останатите вредности што се важни за превозот на товар остануваат непроменети, а тоа значи висина на товарен раб од 59 сантиметри и можност со вилушкар да се натоварат две европалети попречно, преку задната врата.
Секако дека и носивоста е поголема, што значи дека во подвозјето се извршени зафати за Ситан да се справува со повеќе товар и да ја задржи возливоста со екстра тежина, односно безбедноста во возење. За изведбите 112 ЦДИ со коишто Мак Аутостар ја промовира долгата изведба на Ситан, носивоста изнесува 730 килограми, наспроти 498 килограми кај стандардниот модел (+232 кг).
Мерцедес Ситан послужи како основа за уште две изведби што се издвојуваат како посебни моделски серии. Едната е Т-класа, опремена, снабдена и со завршна изработка како лимузините на Мерцедес-Бенц, и соодветно повисока цена од Ситан, втората е Е-Кју-Те, со целосно електричен погон и дел од семејството модели Е-Кју на Мерцедес-Бенц, со погон на струја и различен изглед.
Т-класа додава уште 29 моделски изведби, електричната Т-класа уште три. На тоа следи уште една можност за надградба на возилото, со вградување пакет за кампување Марко Поло. Со овој модул што во Германија чини околу 3.000 евра, Ситан станува и веродостојно возило за кампување.
Првиот примерок од луксузната изведба Т-Класа беше испорачан на македонскиот пазар пред нешто повеќе од една година
Цената на Ситан Ланг во Германија е околу 1.500 евра над стандардниот модел, односно Ситан База Ланг 112 ЦДИ со мануелен менувач чини 23.562 евра, наспроти 22.077 евра кај обичниот модел. Комбинираната изведба Миксто, за превоз на патници и товар, со истиот мотор во Германија почнува од 27.173,70 евра. Семејниот модел Турер, во продолжената изведба со седум седишта се нуди само со бензинец со 131 КС, и во изведбата База чини 25.065 евра, односно 27.072,90 евра во поопремената изведба Про. Луксузната Т-Класа во изведбата со продолжено меѓуоскино растојание е достапна само како Т 180, со бензинец со 131 КС и цена во Германија од 22.831,50 евра.
Мерцедес-Бенц Ванс вообичаено нуди најразновидни можности за надградување и приспособување на Ситан. Во поглед на товарниот простор, може да се нарача преграден ѕид зад седиштата со прозорец, преграден ѕид со врата за да се превезува подолг товар, ЛЕД светилки во товарниот простор, лизгачка врата со прозорец, лизгачка врата лево, задна дводелна врата со прозорец, задна едноделна врата, обложување на подот и на ѕидовите со дрво.
Во светот на деловните возила не се прават експерименти со користени возила, тука важи старото правило „не сум богат да купувам евтино“
Македонскиот пазар на доставни возила покажа една вистина, а тоа е дека во деловниот свет, каде што возилата во одредени гранки претставуваат основна работна алатка, не се дозволуваат експерименти. Тука вреди новото. Додека на пазарот на користени автомобили, луѓе честопати си дозволуваат „слобода“, а односно наивност, и веруваат дека користени лимузини со милион поминати километри ќе издржат уште толку, на пазарот на доставни возила во Македонија, менаџерите на возни паркови, или дооел-фирми, сеедно, избираат ново. Така е поевтино.















