Производителите ја користат секоја шанса за намалување на тежината. За таа цел, Audi ќе користи пружини изработени од фибеглас со кои што тежината се намалува за околу 4 килограми.
Баварците настојуваат да ја постигнат предност пред конкуренцијата во поглед на лесната конструкција на нивните модели. Уште во оваа година Audi ќе започне со сериско вградување на спирални пружини во подвозјето на еден од моделите од вишата средна класа, односно A6 или A7. Пружините се производ на италијанската компанија Sogefi, препознатливи се по светло зелената боја и подебели се, но затоа за 40 проценти полесни од обичните челични пружини.
Обичните спирални пружини од челик за овие модели тежат 2,7 килограми по парче, додека пружините од фиберглас тежат само 1,6 килограм. Тоа значи дека по возило се заштедуваат околу 4,4 килограми. Намалената тежина влијае и врз возните својства, поради препоповувањето на небалансираните маси, особено во прецизноста во возењето и во комфорот.
Во основата на пружините се наоѓаат меѓусебно испреплетени стаклени влакна што се потопени во епоксидна смола. Околу ова јадро што е дебело само неколку милиметри, машински се намотуваат дополнителни влакна, наизменично под агол од +45 и -45 степени во однос на надолжната оска. Таквата конструкција овозможува оптимална абсорпција на напрегањата што дејствуваат врз пружината. Последниот производствен чекор е печење на температура од преку 100 степени Целзиусови.
Пружините од фиберглас не кородираат и не реагираат на хемиски средства за чистење на бандажите. Покрај тоа, при нивното производство се троши помалку енергија отколку за челичните пружини.
















