Камиони од најголемото европско пристаниште во Ротердам може за пет години да почнат самостојно да се движат по патиштата заради испорака на стока до останатите холандски градови.
Холандија ќе ги ревидира сообраќајните закони за да овозможи обемно тестирање на технологијата на самостојно управување на возилата на јавните патишта. Тестирањето во првата фаза ќе се одвива преку компјутерска симулација, а потоа и на затворена патека, за на крајот камионите да бидат пуштени да управуваат самостојно во редовниот сообраќај. Како предности што ги очекуваат иницијаторите се наведуваат порационалното искористување на патиштата, избегнувањето на сообраќајните застои, поголемата безбедност во возењето и поштедливото возење при управување преку компјутерска технологија. Планот може да се реализира најрано за пет години.
Проектот на Холанѓаните следува по еден месец откако интернет гигантот Гугл најави дека развива автомобили со две седишта и самостојно управување, што во следните две години ќе се произведат во серија од 200 примероци. Холандија е густо населена земја, со развиена патна инфраструктура и со четврти најголем аеродром во Европа, додека Ротердам е главна логистичка клучка во Европа.
Во проектот ќе учестува конзорзиум од партнери, вклучувајќи ги производителот на камиони DAF, пристаништето Ротердам, Холандската организација за применето научно истражување TNO и неколку индустриски здруженија.
















