Студијата од салонот во Детроит ќе влезе во сериско производство, соопштија денес од концернот VW. Бубата има изградено култ и во возењето по терен – со легендарниот Баги.
Volkswagen Beetle Dune нема да заврши како уникат. Пред половина година Volkswagen ја прикажа студијата на Буба приспособена за возење надвор од асфалтираните патишта. Првиот човек за пласман на продукти Матијас Цојнер денес потврди дека сериската варијанта од автомобилот ќе се појави во 2016 година прво како купе, а потоа и како кабриолет. Разликата во цената со обичната верзија на Beetle ќе изнесува околу 3.000 евра. Тоа значи дека Бубата со пакетот Dune ќе чини околу 21.000 евра во купе, односно околу 24.000 во отворената каросериска изведба.
Промените во однос на стандардната изведба ќе бидат слични на моделските изведби Cross од Polo и другите модели на Volkswagen. Освен рустикалните украси на каросеријата, возилото меѓу другото ќе има пошироки крила, за 3 сантиметри поголемо растојание од подлогата и за 5 сантиметри поширока трага. Новите браници со хромирани украси и заштитата на подвозјето ќе го заокружат теренскиот пакет.
Внатрешноста ќе се разликува по облогите на седиштата, како и деталите во контрастна боја во таблата, на воланот и во вратите. Некои детали од студијата, како предимензионираниот дисплеј во средишната конзола, држачот пред совозачот, контурираната хауба со ребра за ладење и носачите за скии во задните спојлери нема да се најдат кај серискиот модел.
Моторите ќе бидат истите како во стандардниот Beetle, со бензинец и дизел со по 105 КС како основна погонска единица. Погонот на сите тркала нема да се нуди, затоа што при развојот на актуелната платформа за Beetle тоа не било предвидено, поради намалување на трошоците.
















