Рено со новиот Рафал го враќа приклучниот хибрид во понудата

Знаменосецот на Рено, кросоверот од средна класа Рафал, ќе биде достапен и во изведба со приклучен хибрид со 300 КС, со погон на сите тркала.

Со новата хибридна изведба од својот знаменосец Рафал, со батерија што може да се полни надворешно, Рено „ја држи вратата отворена за приклучниот хибриден погон. Францускиот производител претходно ја имаше запрено продажбата на своите први два модели со Е-Тек ПХЕВ-погон, на малечкиот СУВ-модел Каптур и на Меган, во неговата комбимузинска и комби изведба, кажа главниот инженер на Рено, Жил Ле Борње.

Меган и Каптур со погон ПХЕВ беа пуштени во продажба во 2020. Компактот Меган престана да се произведува во верзијата со приклучен хибриден погон, во корист на новиот Меган со целосно електричен погон, што се појави во 2022 година.

Продажбата на Каптур ПХЕВ, што во Франција чини околу 10.000 евра повеќе од изведбата со благ хибриден погон, заврши во минатиот април, во исчекување на фејслифтот на моделот. Изведбата со погон ПХЕВ учествуваше со околу 5 проценти во продажбата на Каптур во Франција во 2022 година.

Рено сега го враќа приклучниот хибриден погон во својата понуда, со кросоверот од средна класа Рафал, што е нов знаменосец на марката. Достапен во продажба од наесен, Рафал ќе се нуди во изведба со 300 КС, со погон на сите тркала и 1,2-литарски трицилиндарец. Вториот електромотор ќе ја задвижува задната оска.

Со батеријата од 22 кВч, Рафал ПХЕВ ќе постигнува досег на возење на струја до 100 километри. Вкупниот досег – со полн резервоар бензин и полна батерија – ќе достигнува 1.000 километри.

Рено не ги објави цената и вредностите на потрошувачката на гориво, односно емисијата на ЦО2.

Ле Борње на настанот што Рено го одржа неделава во техничкиот центар на групацијата во близина на Париз, кажа дека иако Каптур и Меган ПХЕВ повеќе не се во понуда, Рено и натаму е во можност да ја понуди оваа технологија во своите градски и кoмпактни модели, како и во модели од средната класа, како Рафал.

„Вратата ја оставаме отворена“, кажа Ле Борње.

Додека забавува продажбата на целосно електрични модели, приклучните хибриди доживуваат ренесанса во Европа.

Продажбата на возила со овој вид на погон порасна за 17 проценти во првото тромесечје, со продадени 153.000 возила. Во исто време, продажбата на батериските електрични возила порасна приближно за истиот обем, за 19 проценти, со продадени 253.000 возила од јануари до март.

Поглед на ПХЕВ-погонот на Рафал, со батерија од 22 кВч во средината. Посебни електромотори работат на предната и на задната оска.

СУВ-моделот од средна класа, Еспас, ја користи истата платформа како Рафал и можно е и тој да добие изведба со ПХЕВ-погон, иако Рено уште го нема потврдено тоа.

ПХЕВ-изведбите на Каптур и Меган се темелеа врз постариот бензинец од 1,6 литар, со четири цилиндри. Тие користеа 400-волтна батерија од 9,8 кВч, што дозволуваше досег до 50 километри. При погон на батерија, највисоката брзина изнесуваше 135 км/ч.

ЕУ планира да ја смени нормата според којашто се мери потрошувачката на гориво на ПХЕВ-моделите. Таа засега се мери на тој начин што се зема дека возилото прво вози чисто на струја, додека батеријата се испразни, по што преостанатите километри се возат со класичен хибриден погон.

Во последниот извештај на ЕУ, уреди за следење на потрошувачката во возилата, утврдиле дека емисијата на ЦО2 на возилата со приклучен хибриден погон е 3,5 пати повисока од таа што се наведува во нивната хомологација (ВЛТП-норма).

На тој начин се добиваше погрешна претстава за ЦО2-отпечатокот што го имаат овие возила, затоа што соствениците ретко практикуваат да ја полнат батеријата пред секое следно поаѓање, што е сосем разбирливо, имајќи предвид дека мрежата од полначи уште е далеку од доволна, а и полнењето на јавни полначи е поскапо отколку полнењето дома.

Рено Меган со приклучен хибрид беше пуштен во продажба во 2020 година и се продаваше сé до 2023 година.

Ле Борње кажа дека Рено предложил систем за предупредување што ќе го оневозможи ПХЕВ-режимот на возење, доколку сопствениците недоволно често ги приклучуваат возилата да се полнат и не го користат возењето чисто на струја.

„Проблемот не е во технологијата. Мораме да ги натераме возачите да ги сменат своите навики,“ кажа тој.

Знаменосецот на Рено со приклучен хибриден погон

СУВ-моделот во стил на купе, Рено Рафал, ќе располага со најсилниот погон во понудата на Рено.

  • Основен мотор: 1,2-литарски турбо бензинец со три цилиндри и 150 КС.
  • Електромотори: Главен погонски електромотор напред со 50 кВ (70 КС) и помошен електромотор назад со 100 кВ (136 КС); високонапонски стартер-генератор со 25 кВ (34 КС).
  • Полнење: При обичен почнач од 7,4 кВ, два часа и 10 минути од 0 до 80%.
  • Перформанси: 0-100 км/ч за 6,4 секунди, наспроти 8,9 секунди за изведбата на Рафал со класичен хибрид со 200 КС.

Видеото од тестот на целосно електричниот Рено Меган Е-Тек

Претходна објаваРејнџ Ровер Спорт во сатенско издание во само 100 примероци
Следна објаваТурција во напредни преговори за фабрика на кинески БИД и Чери

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here