за

Рено Каптур со нов дизајн по пример на електричниот Меган

Рено почнува со испорака на освеженото моделско годиште на компактниот СУВ-модел Каптур кон завршетокот на април.

Обемот на зафатите за Рено Каптур да ги зајакне своите позиции не треба да изненадува, ако се има предвид дека тоа е модел од најпродаваниот сегмент во Европа. Сé почнува од изгледот, што го следи примерот од електричниот Меган Е-Тек.

Рено за својот Каптур вели дека е „воатур а вивр“, односно автомобил за живеење. Многу луѓе „живеат“ со овој модел на француската марка. Повеќе од два милиони примероци се продадоа откако Рено почна со првата генерација на Каптур пред десет години.

Изгледот ја следи шемата што за новите модели ја одреди главниот дизајнер Жил Видал. Намерата со промените беше Каптур да добие поблагороден изглед, посебно во предниот дел. Линиите во основа се познати од електричната Меган. Секако е главно новото лого Нувел’Р. Хаубата е повисока и повеќе исправена. Отворите за воздух во маската, под неа и долу во браникот, сите се развлечени и создаваат впечаток како Каптур да е уште поширок.

Сите нивоа на опрема доаѓаат со диодни светла со новата форма. По пример на обновениот Клио, дневните светла имаат форма на дијамант, во стилот на логото на марката.

Задните светла сега се проѕирни и ги прикажуваат светилките. Заедно со новото лого и со редизајнираниот дифузор се постигнува посовремен изглед и се става нагласок на квалитетот.

Три нивоа на опрема, место пет: Еволушн, Техно, Еспри Алпин

Тркала од лесна легура од 17 инчи се опција во основното ниво Еволушн, средното ниво Техно доаѓа стандардно со алу-тркала од 18 инчи, додека врвното ниво Еспри Алпин вози со тркала од 19 инчи. Уште еден детал што доаѓа од Меган Е-Тек се облогите во вратите, над праговите. Кај основниот модел, тие се во мат црна боја, во средното ниво, облогите се во сјајна црна боја, а Еспри на тоа додава уште Ајс Блек логоа, рамки на прозорците во сјајна црна боја и стилизирана заштита на подвозјето напред и назад во мат сива боја.

Двобојната каросерија е често нарачувана опција кај Каптур. Кај освежениот модел може да се избира сива, црна или беж боја за покривот и ретровизорите. Вкупно 14 комбинации од бои стојат на располагање.

Зафатите во надворешноста се најава за новиот свет во кабината. Исправениот дисплеј (10,4 инчи) што е носечки дел на Опен Р, сега се всели и во Каптур, заедно со дигитални инструменти, со пречник до 10,25 инчи. Во највисокиот степен, во Каптур работи Андроид Аутомотив 12, првпат во модел од Б-сегментот.

Во сите нивоа на опрема се вградуваат нови облоги на седиштата и на вратите, за поотмена средина. Тука пак се покажува на дело врвното ниво Еспри Алпин, со спортски нагласок во внатрешноста и со изобилство од опрема.

Рено ја користи во целост соработката со музичката легенда Жан Мишел Жар, и исто како во новите Меган Е-Тек, Аустрал и компанија, во топ нивоата на опременост, пречекуваат посебни звуци уште при отворање на вратите. Дури и звукот шти ги предупредува пешаците кога хибридната варијанта се движи бавно, дело е на Жар. Исто така негово дело е калибирањето на двата аудио системи, стандардниот Аркамис и опционалниот Харман Кардон.

Преку копчето Мулти Сенс на воланот може да се избира меѓу четири различни прикази во возачкиот дисплеј, меѓу петте виџети, осум бои за брзиномерот и 48 бои за диодното осветлување во вратите. Бојата се менува на секои 30 минути, раководејќи се според 24-часовниот биолошки часовник.

Шест мотори и три видови гориво

Гамата ја сочинуваат шест погонски изведби:

  • 1.0 ТЦЕ 90 турбо, со 6-степен мануелен менувач
  • 1.3 ТЦЕ 140 турбо, со 12-волтен благ хибрид, со 6-степен менувач
  • 1.3 ТЦЕ 160 турбо, со 12-волтен благ хибрид, со 6-степен менувач со двојна спојка
  • 1.3 ТЦЕ 155 турбо, (само за некои пазари) со автоматски менувач
  • 1.0 ТЦЕ 100 турбо, погон на автогас, 6-степен менувач
  • 1.6 Е-Тек 145 Хибрид, со роботизиран менувач (4 степени за бензинец, 2 за електромотор)

Хибридниот модел доаѓа со електромотор од 36 кВ и стартер-генератор од 18 кВ, батерија од 1,2 кВч и бензинец со 94 КС. Роботизираниот менувач може да избере меѓу 14 погонски комбинации со бензинецот и погонскиот електромотор. Рено вели дека хибридот штеди 40 проценти гориво во споредба со бензинец со иста моќност.

Во подвозјето се направени зафати во геометријата и во чувствителноста на амортизерите, а исто има промени и во сервоуправувањето. Верзијата со 160 КС и хибридот имаат комплетно сменети амортизери.

Рено вложува масивно во системите за асистенција, па тоа се огледува и во вкупно 28-те системи за помош за безбедност, комфор и паркирање, од кои дел се достапни во пакети како опција.

Каптур се произведува во фабриката на Рено во Ваљадолид, Шпанија. Испораките на освеженото моделско годиште се очекуваат кон завршетекот на април. За тестирање на новиот модел беа изработени 70 претсериски возила, што заедно минаа повеќе од 1 милион километри.

Видеото од тестот на електричната Меган Е-Тек

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Форд ја утна стратегијата со електричните пикапи во Северна Америка

Волво постигна продажен рекорд благодарејќи на електричниот Е Икс 30