Renault Rafale ќе вози со 300 КС и погон на сите тркала

Новиот знаменосец на Renault го носи моделското име Rafale и претставува СУВ од средна класа со стил на купе. Најсилните изведби ќе располагаат со мотори до 300 КС и со погон на сите тркала.

Верно на името што го носи, Rafale во неделата ја доживеа својата светска премиера на авио-салонот што се одржува на аеродромот Ле Бурже, северно од Париз. Името на моделот доаѓа од авионот што уриваше рекорди во 1930-те години и беше изработен од компанијата Caudron-Renault. Новиот модел доаѓа на местото на лимузината и комби Talisman, како нов знаменосец на француската марка.

Тоа е трет нов модел што Renault го претставува во изминативе дванаесет месеци и што е конструиран врз платформата CMF-C/D. Прв беше компактниот СУВ – моделот беше на тест во Аутомедиа – по него следеше СУВ-седумседот Espace.

Rafale поседува исто меѓускино растојание како Espace, што овозможува мошне просторна кабина, посебно за патниците на задната клупа, посочуваат од Renault. Иако станува збор за купе, висината на просторот за глава на задната клупа е речиси истa со Espace, токму благодарение на долгото меѓускино растојание, додаваат Французите. Сo должина од 4.710 mm, Rafale е незначително покус од Espace, со неговите 4.722 mm.

Ширината на трагата, сепак е поголема за 40 милиметри, со цел да се постигне поспортска возна динамика.

Renault нагласува дека Rafale е првиот автомобил што го користи визуелниот јазик на главниот дизајнер Жил Видал, поранешен дизајнер на Peugeot. Високиот опаш има поостри рабови од Espace и од Austral, како и широки раменици, што оддаваат моќност, објаснуваат од Renault.

Renault Rafale користи 75 проценти заеднички делови со Austral и Espace

Ветробранот и структурата на предните врати се исти со Austral, меѓутоа постои разлика во површинскиот панел. Структурата на задните врати, пак, иста е со Espace, со тоа што и тука има разлика во надворешната ламарина.

Извршниот директор на марката Renault, Фабрис Камболив, кажува дека новите модели, како што се Arkana, Megane E-tech, Austral и Espace, помогнале за Renault да се врати на местото на втора најпродавана марка во Европа. „Rafale е новиот предводник на ескадронот на Renault“, најавува директорот.

Лука де Мео, извршен директор на целата групација Renault, посочи дека компанијата во минатото нема постигнато поголем успех со своите модели од повисоките класи, меѓутоа Rafale „се наоѓа во вистинскиот сегмент, со погонска спрега што е соодветна на потребите на денешницата.“

„Renault се враќа во игра во срцето на светскиот пазар“, самоуверен е Де Мео.

Новиот модел ќе се појави во салоните на француската марка во следната пролет. Исто како Austral и Espace, тој ќе се произведува во Паленсија, Шпанија. Renault не ги соопшти цените при премиерата, меѓутоа е извесно дека меѓу нивоата на опременост ќе се нуди и врвното Esprit Alpine.

Понудата од погонски единици за Rafale ја вклучува и најсилната изведба на хибридниот систем што Renault го нарекува E-Tech. Таа комбинира 1,2-литарски трицилиндарец со 130 КС, во комбинација со електромотор со 50 киловати (68 КС) и втор електромотор со 25 kW (34 КС), што дава системски 200 КС. Двата електромотори се споени со иновативниот менувач на Renault што не користи спојка.

Хибридната погонска спрега се нуди и во Austral и Espace. Бидејќи користи мал бензинец и батерија од 2 kWh, емисијата на СО2 е мошне ниска, со 105 грами СО2 на километар. Според Renault, потрошувачката изнесува 4,7 литри на сто километри.

Верзијата со 300 КС и погон на сите тркала првпат ќе доживее своја сериска примена во Rafale. Тоа е најсилната верзија на хибридниот систем E-Tech. Задната оска добива свој електромотор, што значи дека вкупно има три електромотори. Уште една разлика е тоа што оваа изведба ќе се нуди како приклучен хибрид, што значи со можност за надворешно полнење на батеријата. Renault го потврди овој модел, но не посочи кога би можело да се очекува неговиот пазарен старт.

Двата модели располагаат со најновата верзија на системот за управување на четири тркала 4Control. Задните тркала при ниска брзина се вртат во ист правец со предните тркала, со цел да се скуси кругот на вртење и да се паркира и маневрира полесно. При повисока брзина, задните тркалата се вртат за мал агол спротивно од предните тркала, заради поспортска управливост и поголeма динамика. Кругот на вртење е 10,4 метри, исто колку кај градски автомобил.

Кокпитот е изведен според принципот R-Link на Renault, што значи со широки дигитални инструменти пред возачот и голем средишен дисплеј што е поставен исправено. Инфо-забавниот систем користи Google Automotive и тоа донесува бројни предности.

Назначувајќи го Rafale како свој знаменосец, Renault им угодува и на возачот и на патниците. Новиот панорамски покрив е долг 1,5 метар и широк 1,2 метар. Стаклото се затемнува за само неколку секунди. Може да се избира меѓу четири поставки, вклучувајќи можност да се затемни само дел. Дури може и гласовно да се командува, преку Google Assistant. Различно од стандардните решенија, со стаклениот покрив се добива за 30 mm повеќе простор над главата на патниците на задната клупа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Renault France (@renault_france)

Предните седишта се обложени со алкантара, што во 61% се состои од рециклат. Renault трврди дека е прв производител што користи ваков вид алкантара. Во потпирачите за глава се вградени пулсирачки светла, чијашто боја се совпаѓа со избраното амбиентално осветлување во кабината.

Rafale ќе конкурира во сегментот на СУВ модели од средна класа. Во овој сегмент спаѓаат 4,6 проценти од автомобилите продадени на европскиот пазар во првиот квартал годинава, според податоците од Dataforce.

Лидер во сегментот е Skoda Kodiaq, со продадени 21.408 примероци во првиот квартал. Брзо расте уделот на целосно електричните модели во продажбата во овој сегмент. Volkswagen ID.4  е втор најпродаван модел во сегментот, со 17.027 примероци. Меѓу останатите електрични модели во Топ 10 спаѓаат Skoda Enyaq iV и Kia EV6.

Актуелниот СУВ модел на Renault од средната класа, Koleos, уште од 2017 година се бореше да постигне повпечатлива продажба. Во првите три месеци годинава се продале само 1.040 примероци. Talisman престана да се произведува лани.

Rafale и Espace ќе му осигураат влез на Renault во средната класа. Новата генерација на Nissan X-Trail исто така ја користи оваа платформа

Иако станува збор за мал сегмент, СУВ-моделите од компакт и средната класа носат релативно висока маржа. Извршниот директор на групацијата Renault, Лука де Мео, се заложи за лансирање на возила од компакт и средната класа откако го презеде раководството во јули 2020 година. Неговата цел е на тој начин да ја смали зависноста на Renault од постигнување големи бројки во продажбата со модели од помалите класи, што носат помала заработка.

Од тестот на Renault Austral

Претходна објаваFiat има причина да слави: 40 години на Panda 4×4
Следна објаваOpel Astra вози на струја и ништо не ѝ фали

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here