за

Opel Astra вози на струја и ништо не ѝ фали

По повеќе од 20 години од првата генерација на моделот и близу 90 години од нејзината претходничка Kadett, Opel Astra почна да вози и на струја.

Opel Astra Electric е автомобилска реалност, исто како што дизел моторот во Kadett беше сензација во 1982 година. Во Германија, државата учествува со 4.500 евра во цената, лизинг на електричната Astra чини 399 евра месечно.

Важен историски модел за Opel, и тоа е веќе неоспорно. На патот кон преоѓање во марка што во иднина ќе произведува само целосно електрични автомобили, Opel го претставува својот најзначаен патнички модел со погон на струја, по Corsa и Mokka Electric.

Како за домашен пазар, Opel во Германија веќе почна со нарачки за новата Astra Electric, којашто во нивото на опременост GS чини 399 евра месечно, под договор за лизинг на 48 месеци. Редовната цена на електричната Astra, во богатото ниво GS, изнесува 45.060 евра, од што државата „одзема“ 4.500 евра, на име субвенција.

Досегот изнесува 418 километри, вредност што веќе внесува нова димензија во возењето на струја. Opel ја нагласува релативно ниската тежина од 1.679 килограми и посочува на динамичните возни својства, што меѓу другото доаѓаат и од ниското тежиште, поради батеријата што е вградена ниско во самиот под.

Заедно со тркалата од 18 инчи, со посебен дизајн за моделот, Astra во нивото GS доаѓа стандардно со полу-автопилот, којшто овозможува и самостојно запирање и поаѓање при возење во колона и застој, како и систем од камери со приказ во 360 степени.

Со доплата, првпат се нуди Intelli-Drive 2.0, односно систем што може со едноставна команда да ја престрои Astra во соседната лента и да помогне при престигнување

Седиштата со печат од германските ортопеди се стандард, дигиталниот кокпит Pure Panel Pro, со два дисплеи од по 10 инчи, се подразбира.

Електромоторот располага со 115 kW, односно 156 КС, и вртежен момент од 270 њутнметри, што стои на располагање буквално уште од поаѓање. Риселсхајм тврди дека нивниот електричен компакт е 100 килограми полесен од конкурентите. Инженерите ѝ дозволуваат на Astra Electric да вози и побрзо од конкуренцијата, со ограничување на 170 km/h, додека останатите „запираат“ на темпо 150 или 160.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Opel (@opel)

Енергијата ја чува батерија од 54 kWh. Таа се состои од 102 ќелии што се распоредени во 17 модули. Просечната потрошувачка изнесува 14,8 kWh на 100 километри. За долгиот досег придонесува и топлинската пумпа, што е стандард.

При приклучување на полнач со 100 kW, до наполнетост од 80 проценти се доаѓа за помалку од 30 минути. За полнењето да успева доволно брзо и дома, на полнач, сопствениот полнач во Astra располага со 11 kW.

Батеријата во подот не одзема простор од кабинaта, но затоа во багажникот „недостигаат“ 70 литри – до 422 литри на Astra со стандарден погон. Техничарите наведуваат и податок дека торзиската крутост, односно отпорноста на каросеријата при свивање, зголемена е за 31 проценти во споредба со Astra со бензински или дизел мотор.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Rafale ќе вози со 300 КС и погон на сите тркала

Mercedes го произведе 1000-от електричен автобус eCitaro