Електричните автобуси eCitaro денес се дел од возниот парк за јавен превоз во германските градови Хамбург, Дрезден, Бремен, Визбаден и Манхајм. Моделот што се произведува од завршетокот на 2018 година, присутен е во јавниот превоз и во Франција, Италија, Шведска, Полска, Австрија, Швајцарија и во уште голем број европски држави.
Успехот на eCitaro се темели и врз фактот, што клиентите, покрај самите електрични автобуси, од тимот на Mercedes-Benz добиваат и целосна поддршка во поставувањето мрежа од полначи, во менаџментот на возниот парк и секако во одржувањето на самите возила.
Mercedes-Benz eCitaro се темели врз платформата на најпродаваниот градски автобус на Mercedes-Benz. Продажбата започна во 2018 година, кога моделот беше достапен прво како единечен автобус, со батерија со капацитет од 243 kWh.
Посебност на eCitaro е иновативниот менаџмент на топлината од погонската спрега, којшто овозможува потрошувачката на енергија за греењето, вентилацијата и клиатизацијата да биде пониска за 40 проценти во споредба со Citaro со обичен погон
Откако во средината на 2020 година започна вградувањето батерии од втората генерација, се овозможи и изведување на зглобната варијанта eCitaro G. Новата батерија се одликува со повисока енергетска густина, односно тежината на батеријата за зглобниот автобус е иста како кај единечниот автобус, со старата батерија.
Кон завршетокот на 2022 година следеше уште една пресвртница, со воведувањето на третата генерација литиум-јон батерија со никел, манган и кобалт оксид (NMC). Најновите батерии овозможија при иста тежина да се постигне за 50 проценти поголем капацитет. Досегот се зголеми на 280 километри, за единечниот автобус.
Од јуни се нуди варијанта што дополнително располага со горивна ќелија (водороден погон), со што значително се зголемува досегот на eCitaro
Од летово, Mercedes-Benz нуди варијанта на eCitaro што дополнително е опремена со систем од горивни ќелии, односно со водороден погон. Со зголемениот досег на тој начин, eCitaro одговара за сите видови на јавен превоз.
Светската премиера на варијантата на eCitaro со дополнителен водороден погон беше на глобалниот самит за јавен транспорт во Барцелона. Во зглобната варијанта, што единствена е достапна засега, eCitaro fuel cell минува до 350 километри без потреба од полнење. Автобусот располата со капацитет за 128 патници.
На споредбениот тест за електрични автобуси што го изведе специјализираниот магазин Omnibusspiegel, стручно жири од 20 новинати и уште толку претставници од претпријатија за јавен превоз го прогласија eCitaro за шампион за 2023 година. Тестирањето траеше четири денови на тешки рути во германскиот град Бон, во конкуренција од вкупно шест електрични автобуси.
















