Алфа Ромео годинава ќе постигне оперативна маржа во висина од неколку стотини милиони евра, кажа извршниот директор Жан Филип Импарато. Тоа е вистинска пресвртница за марката што правеше загуба, пред оформувањето на концернот Стелантис во 2021 година.
Стелантис не објавува финансиски резултати за голем дел од марките што го сочинуваат концернот. Импарато не сакаше да наведе конкретни вредности околу профитот и само додаде дека Алфа Ромео ќе ја заврши годината со продадени 70.000 до 80.000 возила на светскиот пазар. Тоа претставува раст од 30 проценти во споредба со 2021 и 2022 година.
Околу 60 проценти од продажбата отпаѓаат на новиот компактен СУВ-модел Тонале, за кого што Импарато кажа дека „го постигнува нивото на профитабилност што ѝ е потребно на Алфа.“
Продукцијата на Тонале во моментов се движи околу 6.000 возила на месечно ниво, односно околу 70.000 возила годишно. На пазарот во САД се испорачува единствено изведбата со приклучен хибриден погон и 285 КС. Во план беше и изведба само со турбо-бензинец, но таа беше откажана. Во Европа, Тонале дополнително се продава и во изведба со благ хибриден погон и со дизел мотор.
Импарато, поранешен извршен директор на Пежо, имаше задача во рамките на Стелантис да ја обнови моделската понуда на Алфа Ромео и да го приспособи бизнис планот.
Марката е дел од премиум групата, заедно со Ланчиа и ДС. Понудата во моментов ја сочинуваат три модели: Тонале, стартуван во втората половина од минатата година (во 2023 во Северна Америка), СУВ-моделот од средна класа Стелвио и спортската лимузина од средна класа Џулија. Двата поголеми модели користат платформа Џорџо, што е развиена под Фиат Крајслер Аутомобилс.
Италијанците в година ќе почнат со продажба на својот прв целосно електричен модел, градскиот СУВ Милано. Секој нов модел во гамата на Алфа Ромео по 2025 година ќе биде целосно електричен. Моделите со мотор со внатрешно согорување ќе останат во понуда до 2027 година.
По Милано, во 2025 и 2026 година ќе следат уште два целосно електрични модели, што ќе бидат конструирани врз платформата СТЛА Ларџ. Тоа ќе бидат модели што ќе ги заменат сегашните Џулија и Стелвио, потврди Импарато. Нивното производство ќе се одвива во фабриката на Стелантис во Касино, во централна Италија. Таму и во моментов се врши монтажа на Стелвио и Џулија.
Импарато не посочува кој од двата модели ќе биде прв. Во Европа, продажбата на Џулија се намали за 9,3 проценти, на 4.322 примероци до октомври. Кај Стелвио, падот е 27 проценти, со вкупно 10.320 продадени возила на европскиот пазар за десет месеци.
Наспроти тоа, од јануари до завршетокот на октомври, Тонале се продаде во 27.928 примероци. Тоа секако дека водеше и кон раст на продажбата на Алфа Ромео во Европа за 5,1 проценти, на вкупно 42.607 возила во првите десет месеци.
Во 2027 година, Алфа Ромео ќе лансира голем електричен модел што ќе стане нов знаменосец на италијанската марка. „Работевме на неговиот дизајн подолго од две години и речиси сме пред завршеток, ќе бидете одушевени, верувајте ми,“ најавува Импарато.
Поедноставно производство, подобрување на квалитетот
Карлос Тавареш, извршен директор на Стелантис, го постави Импарато да ја преземе Алфа Ромео, по седум години на чело на марката Пежо. Алфа Ромео постојано носеше загуба под Фиат Крајслер Аутомобилс. Импарато тогаш кажа дека пронашол неколку работи што ќе може брзо да се поправат.
„Кога првпат отидов во Касино, открив дека има повеќе од 4.000 опции – вклучувајќи и 47 дизајни на тркала – потоа ги скусив на 1.500 за да ја смалам комплексноста,“ објаснува менаџерот.
Тонале требаше да стартува со продажба и во изведба со дизел мотор со мануелен менувач. Импарато го смени планот и место тоа го понуди моделот со приклучен хибриден погон со автоматски менувач.
„Исто така открив дека квалитетот не беше на нивото на коешто требаше да биде, поради што го одложив стартот за шест месеци, за квалитетот да се подобри пред да стартува производството,“ кажува Импарато.
Тест · Alfa Romeo Tonale 1.5 Hybrid Speciale · Секое време има своја Alfa
Како резултат од подобрувањето на квалитетот, трошоците за отстранување на грешките во рамките на гаранцијата се преполовени.
Во САД, Алфа Ромео е 1-ва премиум марка, додека Стелвио е број 1 во својот сегмент, во истражувањето на квалитетот на возилата во првите години по купувањето, од страна на организацијата Џеј Ди Пауер.
Напредокот на Алфа Ромео, со намалувањето на бројот на забелешки на секои сто возила опфатени во истражувањето на 143 (за 68 помалку), претставува втор најдобар напредок, по Масерати, каде што забелешките се намалиле за 73, на 182 забелешки на секои сто возила. Тоа се случува во време кога просекот на забелешки/проблеми од страна на купувачите во САД е влошен, од 180 во 2022 и 162 во 2021 година, на 192 проблеми во актуелното истражување.
Удвојување на профитабилноста
Откако ја презеде Алфа Ромео во јануари 2021, Импарато ги зголеми цените за околу 5.000 евра и ја смали продажбата на возила преку помалку профитабилните канали, како што се рентакар и регистрирање возила на име на компанијата.
Алфа Ромео, исто како и целата бранша, заработи од кусокот на микрочипови што беше предизвикан од пандемијата. Тоа придонесе да пораснат цените на новите и користени возила. Марката заработуваше дополнително по 4.000 и 5.000 евра на возилата на коишто им завршуваше лизингот и се враќаа во компанијата, кажува Импарато.
Тој кажа дека комбинацијата од повисоки цени, подобар квалитет (и со тоа смалени трошоци за покривање на гаранциите) и повисоката остаточна вредност, направи Алфа Ромео да се врати во зоната на профитабилност уште во втората половина од 2021 година.
„Оттогаш, секоја година ја зголемуваме профитабилноста двојно,“ објаснува Импарато. Тој напоменува дека профитот и квалитетот се поважни за една премиум марка, од бројот на продадени возила.
Само електрични возила во понудата по 2027 година
Импарато кажа дека петгодишниот моделски план на Алфа Ромео е наречен „Од 0 до 0“, што значи преоѓање од компанија без ниту еден електричен модел во 2022 година, во компанија што по 2027 година ќе нуди само електрични возила.
Милано ќе биде последен модел што ќе биде достапен во верзија со мотор со внатрешно согорување. По 2025, секој нов модел на Алфа ќе биде електричен модел – почнувајќи од наследничките на Џулија и Стелвио.
















