
Предвременото заминување на Порше Макан од европските салони е условено од новата директива за безбедноста на автомобилите од сајбер-напади. Тоа ќе влијае врз вкупната продажба на Порше, менаџерите сепак најдоа паметен начин да надоместат.
Новата директива за сајбер-безбедност на УНЕЦЕ за Европа доаѓа во најнеповолниот момент за спортската марка Порше. По 7-ми јули 2024 година, Порше Макан што се произведува во Лајпцих повеќе нема да може да се продава на европскиот пазар. Моделот досега требаше да биде заменет со новата генерација на Макан со целосно електричен погон, меѓутоа неговиот старт се одложи за повеќе од една година. Порше мора да изнаоѓа начини за да надомести за отсуството на Макан на европскиот пазар.
Порше не е единствен производител што е погоден од директивата. Во концернот Фолксваген има уште неколку модели што повеќе нема да се продаваат во Европа, како Фолксваген Ап или Транспортер Т 6.1. Исто и кај Ауди мора да си заминат спортското купе ТТ и суперспортскиот Р8.
„Исполнувањето на барањата на директивата условува не само приспособување во поглед на техниката, на пример во контролните единици, туку бара и суштинско менување на процесите во развојот. За сајбер-безбедноста, на пример, во иднина мора да се развиваат и сертифицираат посебни системи за менаџмент“, кажуваат од Порше.
Проблем е доцнењето на Е-Макан
Кај постоечките модели не може отпосле да се додадат такви системи за менаџмент, затоа што тие не биле вклучени во развојот на возилото. „Поради тоа, во текот на пролетта во ЕУ веројатно ќе биде запрена продажбата на Макан со бензински мотори, така што е осигурено дека возилата ќе им бидат испорачани на клиентите до крајниот рок и ќе може да се регистрираат“, објаснуваат од Порше. На пазарите вон Европа, Макан со бензински мотори и натаму ќе се продава, веројатно уште во следните две години.
Проблем е тоа што електричниот Макан требаше многу порано да започне со продажба. Неговиот старт сепак е одложен за повеќе од една година, поради проблемите при развојот на новиот софтвер во концернот Фолксваген. Порше уште нема наведено точен датум кога ќе стартува електричниот Макан – којшто меѓу другото цели и кон Тесла Модел Ипсилон.

Порше Е-Макан користи нова платформа ППЕ, што ја дели заедно со Ауди. Единствено е извесно дека Е-Макан ќе стартува во 2024 година, по што ќе следи и испорака на првите возила. Не може да се изведе чисто преоѓање од ерата на бензински Макан во ерата на електричен Макан.
Макан е меѓу најпродаваните модели на Порше. Во минатата година, Цуфенхаузен продаде 86.724 примероци. Едно од секои четири возила е испорачано во Европа. Тоа значи дека компанијата во 2024 година ќе мора да се соочи со значително намалување на продажбата, откако Макан напролет повеќе нема да може да се продава на европскиот пазар. Тоа ќе се одрази и врз прометот.
Порше сепак е марка што изменаџирала бројни ситуации, и секогаш може да осмисли соодветна стратегија. Така и во овој случај. Компанијата официјално уште ги нема објавено очекувањата за продажбата на Макан во 2024 година, но сигурно нема да се дозволи продажбата да падне нагло. „Одредбата на ЕУ не е нова, подолго време сме запознаени со истата и соодветно на тоа, навреме ги испланиравме продажбата и производството“, објаснуваат од Порше. Во одреден период ќе се засили снабдувањето на европскиот пазар, пред Макан да замине од продажните салони.
Очигледно е дека Порше уште годинава ја засили продажбата на Макан. Во првите три квартали се продадени 68.354 возила, што претставува раст од 15 проценти. Тоа значи дека годинава ќе се заврши со преку 90.000 примероци. Тоа со години не се случило кај Макан. Можно е Порше напролет сам да ги регистрира возилата, за потоа во текот на 2024 година да може да им ги испорачува возилата на клиентите.
Стартува третата генерација на Панамера
Продажбата на Порше в година ќе расте и поради новите моделски генерации. Тоа првенствено важи за новата Порше Панамера, којашто пред неколку недели имаше светска премиера во Шангај. За спортската лимузина има најголема побарувачка во Кина. Во третата генерација, од Панамера се очекува конечно да го надмине прагот од 40.000 возила.

Поттик за продажбата секако ќе даде и големиот брат на Макан, Кајен, што годинава доживеа моделско освежување. Голем напредок е постигнат во инфо-забавните системи, како и во продолжувањето на електричниот досег на моделите со приклучен хибриден погон.

Моделско освежување во 2024 година се планира и за електричниот Тајкан. Тој е во продажба уште од 2019 година и се очекува дека со освежувањето ќе се продолжи досегот. Доколку се надминат проблемите со добавувачите, првиот електричен модел на Порше може да ја достигне првично предвидената продажба од 50.000 примероци годишно. Рекордот е 41.296 возила, постигнат во 2021 година.















