за

Лудилото на Сајбертрак: Бришач 165 долари, ветробран 1.900 долари

Што сé ги очекува идните сопственици на Тесла Сајбертрак. Цените на некои од резервните делови за пикапот на Илон Маск се дури и навредливи.

Кога ќе дојде време да се замени бришач на Тесла Сајбертрак, електричниот пикап од марката на Илон Маск, сопствениците треба да бидат подготвени да платат 165 долари. Тоа се повеќе од 9.000 денари. Барем каросериските делови се „евтини“.

Сцената како да се освестува околу марката електрични автомобили на Илон Маск. Прво излезе дека сопствениците доживуваат многубројни проблеми со своите возила, меѓу другото и поради тоа што Тесла не предвидува редовни сервисни интервали за возилата, барем не во нормални временски рамки. Тоа што нема да се открие на време, километар по километар прераснува во сé поголем (и поскап) проблем. Во најновиот извештај на германската организација за технички преглед ТУВ, сопствениците на Тесла Модел 3 имаат повеќе проблеми со своите возила дури и од возачките и возачите на Дачиа.

Откако Тесла почна со производството на Сајбертрак, темите се разликуваат од времето кога светот се одушевуваше на Модел С, Модел Икс, Модел 3. Многу нешта што не биле кажани во меѓувреме, стануваат жешка тема со Сајбертрак. Цените на резервните делови, на пример.

Онлајн-каталогот со резервни делови за Тесла на прв поглед не ги прикажува цените. Но, доколку се добие посебен пристап, како сопственик на автомобил Тесла, тогаш се покажува друг свет – со сите цени.

Тесла се гордее на каросеријата на Сајбертрак, што е изработена од благороден челик со висока цврстина. Каросеријата не е лакирана, на нерѓосувачкиот челик не му е потребна таква заштита. На кого не му се допаѓа тој изглед, може за 6.500 долари да го добие својот електричен пикап обложен во мат црна фолија. За 5.000 долари се добива проѕирна фолија, што служи за челикот да го заштити од гребаници – иако, според Тесла, каросеријата е отпорна и на тоа.

Член на форумот „сајбертракоунерсклаб“ ги наведува цените што ги нашол во онлајн-каталогот за резервни делови. Бришач чини 165 долари, само метличката вреди 75 долари. За споредба, метличка со одличен квалитет во нашите продавници за авто-прибор одвај чини повеќе од 1.000 денари.

До објавата на форумот · https://www.cybertruckownersclub.com/forum/threads/windshield-wiper-blade-replacement-price-75-windshield-glass-price-1900-other-parts-prices-%F0%9F%92%B0.10559/

Високата цена на деловите за Сајбертрак се должи и на фактот што американската марка не користи стандардизирани резервни делови и прибор што одговараат за повеќе марки, туку користи делови од посебна изработка. Бришачот и метличката за пикапот на Тесла се изработуваат само за него.

Затоа и не изненадува цената на ветробранот. Доколку тој се оштети од удар од камче или се појави пукнатина, што не се поправаат, тогаш мора да се нарача нов ветробран, што чини 1.900 долари. За споредба: Нов ветробран за луксузен Порше Кајен се купува за 300 до 500 евра.

Во случај да се оштети активаторот од електричното управување, што фактички ги завртува тркалата, неговата замена ќе чини 3.300 долари. За споредба, целиот систем за управување на Форд Ф-150 чини 2.000 долари. Гумите Гудјир Вранглер Територи РТ 285/65R20 се изработуваат по посебна нарачка за Сајбертрак и чинат по 470 долари, парче.

Барем нема потреба од паника за деловите од каросеријата. Предниот браник чини 935 долари, предните крила по 550 долари, хаубата 1.910 долари. Лакирање не е потребно. А, тоа обично чини скапо.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фиат е Титан во Латинска Америка и Африка

Порше мора да запре со продажба на Макан, ЕУ има нови закони за сајбер-безбедност