Љубителите на тјунирањето со нетрпение го очекуваат почетокот на мај, кога се одржува еден од најголемите собири на браншата во Европа. Годинава дојдоа преку 100.000 посетители. Но, не само заради автомобилите.
Кога доаѓа мај и тјунерите доаѓаат со новите креации што макотрпно ги работеле и подготвувале во текот на студените месеци. Најдобро е кога најголемите тјунери ќе се соберат на едно место, како што е собирот покрај Боденското Езеро во Германија. Халите во близина на Фридрихсхафен четири дена беа центар на светот на тјунингот за 105.700 посетители, 210 изложувачи и рекордни 33 светски, европски и германски пермиери. По четврти пат се одржаа и Европските награди за тјунинг.
Публиката виде преку 1.000 тјунирани возила во најразлични стилови, но и специјализираните фирми за тјунирање на возила ја искористија сцената за прикажување на своите иновации пред гости од цела Европа.
Светот на тјунингот на Боденското Езеро веќе 12 години дава силен пулс на клупската и тјунинг сцената и се вбројува меѓу најважните настани на меѓународно ниво. Голем број од возилата се креирани посебно за настанот. Голем интерес предизвика и шоуто во дрифтинг, лоурајдерите, и секако, неизоставниот избор на Мис на тјунинг. Вероника Климовиц од Берлин ќе биде заштитно лице на салонот и на браншата во следните 12 месеци.




















































