Посебните обележја на моделот за 25-годишнината е лакирањето во портокалова и црна боја, како и златна боја за затегнувачот на погонскиот синџир и за средишниот дел од предните сопирачки дискови.
Освен комбинацијата од портокалова и црна боја, славеничката Suzuki Hayabusa се препознава и по гравурата на придушувачките лонци и на погонскиот синџир. Амблем што укажува на 25-годишнината и тридимензионално лого Suzuki се поставени на резервоарот. Во стандардната опрема спаѓа и капа врз продолжетокот од седиштето.
Првата генерација ја имаше својата премиера на салонот Интермот во Германија, во 1998 година, како Suzuki Hayabusa GSX1300R. Продажбата во Европа и Северна Америка стартуваше во 1999 година. Мотоциклот беше развиван како „Ultimate Sport”, со екстремна моќност и врвни возни својства. Препознатливост на Hayabusa ѝ даваше уникатниот аеродинамичен оклоп, којшто беше сензација. Оттогаш, Hayabusa е знаменосец во понудата од мотоцикли на Suzuki.
Втората генерација доби мотор со зголемена работна зафатнина, од 1.299cm3 на 1.340cm3. Таа беше претставена во 2007 година. Новина беше Suzuki Drive Mode Selector (SDMS), за возачот да може да ја избира моќноста според условите и според желба. Моделот стана достапен и на поширокиот пазар, вклучувајќи и посебна верзија за јапонскиот пазар во 2014 година. Две години подоцна, Hayabusa почна да се произведува и продава и во Индија.
Тековната генерација датира од 2021 година, со целосно унапреден мотор и шасија, како и со широк арсенал од електронски системи. Меѓу главните новини е S.I.R.S (Suzuki Intelligent Ride System), со контрола на тракција и двонасочен систем за брзо менување степени. Со тоа, со екстремниот спортски модел можат да управуваат и помалку искусни возачи. Дизајнот стави нагласок на „The Refined Beast”, на фин ѕвер.

Моделот денес се продава на 48 пазари ширум светот, секако вклучувајќи ја и Македонија, каде што продажбата на мотоциклите на Suzuki забележа голем раст во последниве неколку години. Suzuki Hayabusa досега се има произведено во повеќе од 200.000 примероци.
Линк до посебниот вебсајт за 25-годишнината:
https://www.globalsuzuki.com/motorcycle/smgs/products/2024hayabusa_25thanniversary/
















