Автомобилските гиганти речиси отсекогаш ја подржуваат демократијата преку редовно финансирање на партиите. Во наши услови тоа стана неприменливо. Лошата политика ја уништи браншата.
Шефовите на концернот Daimler викендов решаваа за висината на донациите на политичките партии во Германија за оваа година. Исто како и во минатата година, Демохристијанската унија и Социјалдемократската партија ќе добијат по 100.000 евра, додека за Социјалхристијанската унија, Слободните демократи и Зелената коалиција се наменети по 40.000 евра. Daimler ги финансира политичките партии во Германија подолго од две децении, сметајќи го тоа како придонес за подршка на парламентарната демократија. Претпријатието се залага за транспарентност во финансирањето на партиите и за независност од актуелните политички и економски збиднувања.
Секако дека нормалниот разум во тековната изборна атмосфера во Македонија би го наметнал прашањето дали и увозниците на автомобилските марки во нашата држава се решаваат, повеќе или помалку доброволно, на слично издвојување на средства за подршка на работата на политичките партии. Во доменот на нашиот портал можеме да го наведеме само заклучокот: Доколку некогаш било можно големите субјекти во продажбата и постпродажбата на автомобили во Македонија широкоградо да го отворат ќесето, како на пример во 2008 година, кога беа продадени преку 16.000 нови(!) возила, во првиот квартал од годинава се увезени едвај 669 нови автомобили, со што потенцијалниот извор на финансирање е пресечен во корен. Доколку до крајот на годинава се продадат повеќе од 3.000 автомобили, тоа ќе биде огромно достигнување во длабоката криза. Како дилерите и сервисерите да функционираат во одржувањето на демократијата, кога македонската политика, наспроти европската, јавно им става на знаење дека не ја сака нивната помош и им го оневозможува бизнисот?
Лошата политика со нерегулирани услови за увоз на стари автомобили и целосното струполување на пазарните законитости и вредности на стекнатиот возен парк го уништи бизнисот од кого што зависи европската политика, и секако, економијата. Место да ги оптовари големите субјекти во продажбата на автомобили, без разлика колкав степен на транспарентност бараат демократските воајери, македонската политика реши речиси љубоморно да им го уништи бизнисот на локалните трговци напредувани на врвни европски стандарди, за парите да продолжи да ги црпи секојдневно од сиромавиот народец, одземајќи му пари преку горивата, патарините, паркирањата – меѓу другото. Сега политиката нека ја спонзорираат трговците со автомобили на нива. Или можеби ќе се активира „македонската автомобилска индустрија“, како што (не)популарно се нарекуваат оние полупокриени хали во кои што се практикува евтина рачна работа во примитивен производствен процес и со еколошки сомнителни суровини, за минимална плата со максимална млата. Добро рекле старите: „Чувај се од глупавиот, тој од добро ќе ти направи лошо.“ И ете го глупавиот на дело во нашата врвна политика.
















